ОД КАДЕ ИМ НИВ ПАРИ, БЕ?

Ова (ин)директно сум го слушал, и го слушам од некои луѓе што искрено прашуваат или од други што неискрено коментираат во врска со сѐ што црквата прави по прашање на помош на деца и луѓе во потреба, или разни помали и поголеми проекти од хуманитарен карактер.

И, секако, насоката во која оди муабетот е дека го правиме тоа што го правиме затоа што некој од страна „дебело“ ја финансира и спонзорира мисијата на црквата. За едни, тие од мојата страна на конфесионалната граница, Филип мора добро да се „уиграл“ со некој Американци или Англичани, па еве како му е „лесно“ да го прави сѐ ова, додека за некои други, од другата страна на конфесионална граница, некој од некаде јако „кешира“ за (ин)директно да се работи нешто против оваа или онаа црква.

Сите што имале доблест лично да ме прашаат, веќе знаат, но за оние што озборуваат и напамет коментираат, притоа свесно или несвесно клеветат, а со тоа сакаат да одвратат добронамерни луѓе што би сакале да се приклучат кон она што црквата го прави, еве на ЧИТКО и ЈАСНО: Сѐ, ама баш сѐ, што Евангелска Црква – Велес правела и прави е ВО ЦЕЛОСТ финансирано и поддржано од луѓе од Велес, од Македонија, или од Македонци кои живеат надвор од Македонија. Во превод, нема ниту едно евро и ниту еден долар од странец или странска владина, невладина или црковна организација да го финансира сето ова. Бујрум во црквата, на секои шест месеци има детален финансиски извештај за тоа од каде стигнале, и каде отишле парите, до денарче. И, слава на Бога за тоа што е така!

Со ова, не сакам да кажам дека ако црквите примаат помош од страна само по себе е нешто погрешно, зашто во Македонија нема црква или верска организација која не примала и не прима помош од странство, некои од сестрински цркви, некои директно од странски амбасади, некои, пак, од разно-разни невладини организации.

Пак, јас само адресирам коментари за конкретна црква и конкретно место, за другите едноставно јас немам право, ниту ингеренции да се објаснувам со луѓе. Плус, ако некој мисли дека е лесно, и дека пари за било што туку-така паѓаат од небо, бујрум, нека прави нешто, па нека види! 🙂

На крај, слава на Бога за сѐ!

Автор: пастор Филип Иванов