„Од каде му е пиштолот и како знае да пука?!“ – родителите низ солзи по масакрот во Белград
20 лица се повредени во пукањето во Белград, дознава „Блиц“.
„Во ‘Тиршова’ се сместени уште три деца, едно дете е во критична состојба, во операциона сала, има сериозни повреди на главата и е во животна опасност. Другите двајца се на интензивна нега и имаат прострелни рани, најмногу на екстремитетите“, изјавија за „Блиц“ од брзата помош.
Повредена е и професорката по историја, засега не се знае во каква состојба е.
Родителите на учениците се бесни и се прашуваат од каде момчето го добило пиштолот и како знаело да пука?
„Слушнавме дека момчето влегло во училиштето, го нашло чуварот од вратата и му пукал директно во главата. Од каде знаело да пука?!“, прашуваат очајните родители, кои се пред училиштето.
Не може да поверуваат што им се случило, а училишниот чувар, кој загинал, бил прекрасен човек.
„Чуварот беше прекрасен човек, не ми се верува дека повеќе го нема, секогаш беше фин и љубезен кон сите“, низ солзи рекол еден родител.
„Треба ли да се постави детектор за метал, полицајци да поминат во училиштето?“, прашуваат гневните и потресени родители.
Шокантни се сцените пред училиштето, децата постојано плачат, како и родителите, кои во паника си ги бараат децата.