ОД КОРОНА ПОЧИНА ПОРАНЕШНИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ ЖИСКАР Д’EСТЕН

Поранешниот француски претседател Валери Жискар Д’Естен, кој беше на функција од 1974 до 1981 година, почина на 94-годишна возраст, поради компликации поврзани со ковид-19.

loading...

Жискар бил хоспитализиран во градот Турс во западна Франција, јави француското радио Европа 1, кое прво ја објави веста за неговата смрт.

Фондацијата Валери Жискар д’Естен на Твитер објави дека поранешниот претседател на Франција починал во средата од компликации поврзани со болеста ковид-19 и дека, во согласност со неговите желби, погребот ќе се одржи во семејна интимност.

Жискар бил примен во болница во септември, со респираторни проблеми. Закрепнал, но бил примен повторно кон средината на ноември.

Неговото претседателство е запаметено по модернизирањето на француското општество, вклучително и дозволување развод со заедничка согласност и легализирање на абортусот.

Тој бил избран за претседател на 48-годишна возраст, обидувајќи се да ги либерализира економијата и социјалните ставови.



loading...

Дојде на претседателската функција по смртта на Жорж Помпиду, но ја изгуби кандидатурата за реизбор од социјалистот Франсоа Митеран.

Исто така, Жискар Д’Естен беше еден од клучните архитекти на европската интеграција во раните 1970-ти, а во Европа воспостави блиски односи со поранешниот западно германски канцелар Хелмут Шмит, со што тие го воспоставија Европскиот монетарен систем и ги поставија темелите на заедничката европска валута, еврото.

По повод смртта на Жискар, поранешниот француски претседател Никола Саркози рече дека тој „целиот свој живот работел на зајакнување на односите меѓу европските нации“.

Шефот на владејачката партија на францускиот претседател Емануел Макрон во парламентот, Кристоф Кастанер, тврди дека „модерната и одлучно прогресивна политика на Жискар трајно ќе го одбележи неговото наследство“.