| |

Од лев кон евро: скратено за бугарските пари низ историјата

Од 1 јануари 2026 година Бугарија ќе стане полноправна членка на еврозоната, со што ќе се заокружи процесот на нејзина целосна европска интеграција започнат со влезот во ЕУ во 2007 година. Со тоа, бугарскиот лев – валута со историја подолга од еден век – ќе биде заменета со еврото, пишува БГНЕС.

Левот е воведен во 1880 година и првично бил изедначен со златниот француски франк. Во текот на времето, особено по воведувањето на валутниот борд во 1997 година, тој беше фиксиран кон германската марка, а потоа и кон еврото. Во првите децении од своето постоење, во Бугарија паралелно циркулирале и странски монети, сè до законската забрана во 1886 година.

Бугарија ковала сопствени монети уште од 1881 година, а златните емисии од крајот на XIX и почетокот на XX век денес имаат исклучителна нумизматска вредност. „Интересот за бугарските златни монети значително порасна, особено поради геополитичките процеси и претстојниот влез во еврозоната“, наведуваат експерти, посочувајќи дека на аукции тие достигнуваат рекордни цени.

Првите бугарски банкноти се појавуваат во 1885 година и биле печатени во Санкт Петербург. Левот долго време имал златна подлога, што овозможило финансиска стабилност сè до Првата светска војна. По Втората светска војна и особено по 1944 година, банкнотите го добиваат својот социјалистички визуелен идентитет.

По економската криза и хиперинфлацијата во 1996–1997 година, се воведува валутниот борд и е извршена деноминација, со што се стабилизира паричниот систем. Од тогаш во оптек беа банкноти со ликови на значајни личности од бугарската историја и култура.

Со воведувањето на еврото во 2026 година, Бугарија ќе стави крај на една долга и богата монетарна традиција, означувајќи нова фаза во својата економска и европска интеграција.



Слични Објави