| |

Од “никогаш Северна”, до “како до Северна” – трагична приказна за бегање од сопствената држава Северна Македонија

Facebook статус на Никица Корубин

“Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1995) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните, потпишана на 17 јуни 2018 година во Преспа, Грција, ратификувана во Собранието на Република Македонија на 5 јули 2018 година, влегува во сила на 12 фебруари 2019 година.”

Оваа одлука, како и одлуката за влегување во сила на 4-те амандмани за промена на уставот се објавени во Службениот Весник број 36 од 12.02.2019 година. И точно од тој ден станале обврска за сите надлежни институции и познат факт за секој еден граѓанин, функционер, службено лице, невладин сектор, медиум, аналитичар, професор, академик, бизнисмен, политичка партија. Сите до еден ја знаеле информацијата и обврската по истата.

Законите кои ги тангираат патните исправи се изменети дури во 2021 година и оттогаш се на сила.

За ова време од 5 години, колку надлежните институции превземаа навремени мерки за реализирација на истата, замена на сите документи, согласно договорот и нашиот сопствен устав, со уставното име Северна Македонија?

За ова време од 5 години, колку јавни функционери, пратеници, министри, партиски лидери, укажаа на рокот и на последиците кои ќе настанат после рокот, на времето кое неповратно тече?

За ова време од 5 години, колку медиумите водеа кампања, информираа, прашуваа и укажуваа за рокот кој истекува?

За ова време од 5 години, колку сите невладини организации кои се занимаваат со правата на граѓаните, на евроинтеграциите, предупредија за рокот и потребата од исполнување на истиот?

За цело ова време, ништо од ова не се случуваше.

За ова време се прекршуваше и погазуваше уставот, со форсирање, охрабрување и хистерија за избегнување на употреба на уставното име Северна Македонија.

За ова време се водеше активна кампања за сатанизирање и дискредитирање на сите кои го употребуваат уставното име Северна Македонија.

За ова време, сите кои не го избегнуваа името, се криеа од него, како опортуно, подобно и популистичко однесување.

За ова време, масовно во етерот, со дозвола на државата Северна Македонија, се дискредитираше сопствената држава, со слободно ширење на лаги и манипулации во однос на уставното име и Договорот од Преспа.

За ова време највисоки државни функционери и партиски лидери, ја манипулираа и доведуваа во заблуда јавноста, за обврските кои се знаеа цели 5 години.

И после се’ тешко дека било кој има кредибилитет, да каже било што на оваа тема.

Ова е извонредна показна вежба, како во пракса изгледа бегањето на цела партиско/политичка елита (кој со агитирање, кој со криење, а кој со калкулирање) од обврските што државата ги превзема и негирањето на реалноста. На крајот целиот товар, хаос и неизвесност паѓа на граѓаните.

Но, ова е и врвна опомена и потсетување, дека всушност меѓународните договори и обврски се единствената заштита за државата и граѓаните, затоа што колку и да бегаат од нив, нашите “елити”, на крајот доследно мора да ги почитуваат.

Дали е во прашање Преспанскиот договор или Договорот со Бугарија, сеедно. “Газди” се само “за по дома”, а “дома” сакаа(т) да не’ остават на подолг рок. Да видиме кој рок е крајниот рок и за оваа активна блокада од две години, игнорирање и бегање од преговарачката рамка. Моделот е потрошен, а и времето. А, исходот секогаш изгледа вака, како овие денови. Денови на прекршување.

Слични Објави