Од понеделник попладне – нов влажен и студен бран со обилен дожд и засилен ветер
Од понеделник попладне и во текот на вторник (4 ноември) над Македонија ќе се прошири нов влажен и поладен воздушен бран, кој ќе донесе обилни врнежи од дожд, засилен северен ветер и забележливо опаѓање на температурите.
Влажниот бран пристигнува од запад и е поврзан со плиток циклон со центар над Џенова, кој ќе го зафати целиот Балкан. Во поголемиот дел од земјата се очекуваат врнежи од дожд, локално со поинтензивен карактер, при што на одредени места може да наврнат и над 20 литри дожд на метар квадратен.
Скопскиот регион исто така ќе биде зафатен од нестабилното време, со повремени врнежи од умерен интензитет, најизразени во понеделник навечер и вторник претпладне.
Од северозапад ќе продре студен воздух, проследен со засилен северен ветер, кој најмногу ќе се почувствува во Повардарието, но и во главниот град и околните места.
На планинските врвови над 2000 метри можно е појава на прв снег оваа сезона, како знак за приближување на зимата.
Температурите ќе се намалат значително – дневните максимални вредности во почетокот на следната недела ќе се движат меѓу 9 и 16 степени.
Метеоролозите предупредуваат дека ваквото време ќе се задржи неколку дена, па граѓаните се повикуваат на внимателност и навремена подготовка за студеното и влажно време што следува.
