Одбележуваме 52 години од смртта на д-р Асен Татарчев
На денешен ден пред 52 години во Куманово умира д-р Асен Татарчев- внук на д-р Христо Татарчев, голем бугарски патриот, воен лекар, приjaтел и близок соработник на Иван Михајлов.
Д-р Асен Татарчев е роден на 12 ноември 1893 година во Ресен. Ја завршува Класичната бугарска гимназија во Битола. Потоа учи медицина во Женева Швајцарија. Бил учесник во Македоно-одринското ополчение за време на Првата балканска војна, а во Првата светска војна бил воен лекар во Бугарската армија. По војната се враќа во Женева, каде што специјализира гинекологија.
Работи како лекар во Мелник, а од 1922 г. се враќа во Ресен. Ги поддржува активностите на ВМРО. Уапсен е по Ресенската афера на 1 мај 1927 г. Во 1928 г. е осуден на 4 години строг затвор. По излегувањето од затворот е иселен прво во Ужице, а подоцна во Белград. Во 1932 г. д-р Татарчев заедно со неговата сопруга Швајцарката Марта и нивните две деца ја напуштаат Вардарска Македонија и поднесуваат петиција до Општеството на народите за прогонот и убиствата што се вршат врз Бугарите во кралска Југославија. Во Бугарија д-р Татарчев работи како училиштен доктор.
На 12 февруари 1933 г. д-р Татарчев и неговата сопруга Марта се обраќаат кон присутните на Големиот македонски собир што се одржал во Горна Џумаја. Татарчев е еден од оние општественици во Бугарија кои се против влезот на земјата во Втората светска војна на страната на Германија. По 1941 г. е лекар во Битола.
Во 1946 г. д-р Асен Татарчев е осуден од новата југословенска власт на смрт, но подоцна смртната казна е заменета со 10-годишна затворска казна. Во 1951 г. е амнистиран и е испратен во Прилеп, каде што го создава одделението за гинекологија во градот. Од 1953 г. до 1963 г. работи и живее во Гостивар, каде што исто така го создава одделението за гинекологија. Од 1963 г. до својата смрт во 1970 г. живее и работи во Куманово. Д-р Асен Татарчев бил следен од македонските безбедносни структури до својот последен ден.