|

Одбележуваме 97 години од подвигот на Мара Бунева

АЛБЕР ЛОНДР (1884-1932) е виден француски журналист и писател, еден од основачите на истражувачкото новинарство и противник на колонијализмот. Во 1932 г. ја издава книгата КОМИТАЏИИТЕ или тероризмот на Балканот.

“Две глави, околу вратовите на кои што се вее лентата со надпис „Слобода или смрт”, впериле поглед во нас.

Едната си ја бива многу повеќе, барем според мене, тоа е главата на млада жена. Ах, какви прекрасни очи!… Способни да ја загреат вашата душа во најлутата зима. Носот е можеби малку поголем? Какво значење има тоа. Устата е топла како очите. Тоа убаво лице сеуште сака да ви се насмее. Збунет сум, мадам; со целото мое почитување се поклонувам пред вас, навистина! Тоа е МАРА БУНЕВА…

Во развојот на нејзината историја нема да ја видите да прескокнува со високо подигната сабја начело на некоја чета. Дури можеме да тврдиме, дека ако жребецот, на кој што ја поставил некој нејзин обожовател, наеднаш тргне да галопира, Мара немаше долго да чека да ја кренат. Значи: никаква амазонка; учителка е, и дури е мажена. По она време, има веќе три години оттогаш, во Скопје, бившиот турски Ускуб, денес престолнината на србска Македонија се случи еден настан. Дури не беше настан. Тоа е случајот со така наречениот процес против „македонските студенти”, или против оние млади луѓе, кои што, воспитани во просрбски манир, заговарале во полза на бугарската кауза. Истрагата на заговорот се одвива според обичаите на балканските затвори…

Судскиот советник, задолжен за процесот, се викаше Прелич. Мара Бунева со топлите очи реши да им ја понуди крвта на Прелич на студентите, нејзините браќа.

Таа живееше во Софија, тоа е нејзината куќа. Мара сигурно пријатно живеела таму. Да ја немаше таа Скопска афера, можеби ќе беше на прозорецот, дигајќи го погледот: „Господи, би кажал, каква убава жена!”. Но судењето против новоизлезените поборници ја разбранува нејзината стара македонска страст. Според неа револуционерниот комитет не одговорил соодветно на србскиот предизвик. И тогаш Мара чула гласови одозгора „Оди и одмазди се за нас!” Си ставила мала баретка на нејзината коса, го оставила сопругот таму, ги оставила учениците, ја напуштила Софија и тргнала во потрага на Ванчо во земјата на Слободата или Смртта.

Средбата се одржала во Свети Врач, една вечер.

– Слобода или смрт – извикала Мара, разкривајќи ги своите најдлабоки мисли.

– Ти го кажа тоа, сестро – одговорил другиот. И без да чека повеќе, таа помолила за честта да го убие Прелиќ.

Тука уште еднаш можеме да се восхитиме на убавината на вистинската организација. Во својата простодушност соблазнителната македонка си вообразуваше, дека е доволно само да ја тресне вратата на својот дом, да си замине со своите мали нозе, да го прими на колене светиот револвер, да го земе возот, да ја премине границата, да се најави пред Прелич и веднаш да го убие.

Наивна!

– Со што се занимавате, Мара Бунева? – прашал господарот Ванчо.

– Учителка сум.

– Не знаете ли да правите нешто друго?

– Правам шапки.

– Добро!

Една жена иде да посака револвер, кажува, дека прави шапки, и револуционерниот комитет веднаш ја најмува. ВМРО ја поставува Мара Бунева како шапкарка во Скопје. Овие професионални убијци создаваат модна куќа! Црвените од крв раце ќе се чепкаат низ панделки, а Ванчо ќе продава капели. О, живот, вечна смеа!

Мара Бунева ја мина границата. Од бугарска македонка таа стана србска македонка. Нејзиното име сега е испишано на излогот во Скопје. Вдахновената убавица не се пофалила. Какво умеење! Таа го брише филцот како во Париз. Тоа е еден крик во целата земја, последниот крик! Дамите од доброто обшество ги сакаат само шапките на Мара Бунева. Таа ги познава сите. Од внатрешната страна на шапката на неговата сопруга Прелич го чита името на жената која што ќе го убие и вели: „Каква самовила!”.

Но само жалиме, во земјата, дека и таа тагува!

За да биде добро, едно револуционерно македонско убиство мора да има две предимства: да го задоволи гневот и да служи на политиката. Шапкарката е на вистинското место: Прелич нема да избега. Без брзање. Во меѓувреме парите на србските дами го збогатуваат дуќанот на ВМРО!

Дојде можноста: мал флерт меѓу Софија и Белград. Веднаш ВМРО го изговара клучниот збор: „Нема љубов!”, и отаде Пирин Ванчo дава знак на шапкарката.

Пладне е. Мара Бунева ги познава навиките на Србинот. Таа го затвoра дуќанот и оди на мостот на Вардар, со шапките, сите дами ја поздравуваат. Еве го и Прелиќ. Таа го погодува со три восхитувачко истрелани куршуми. Тој паѓа.

Ја сакам мојата родина, за неа умирам! – вика таа.

И со четвртиот куршум во срцето таа ги средува сметките.

И името на Мара Бунева летна од скопскиот излог право во златната книга на комитаџиите.“

КОМИТАЏИИТЕ или тероризмот на Балканот



Слични Објави