Одвоено судење за екс-претседателката на Антикорупциска Татјана Димитровска
За да се обезбеди брзо и ефикасно судење, поранешната прва антикорупционерка Татјана Димитровска ќе добие одвоена постапка. Судечкиот совет не го прифати барањето на обвинителството нејзиниот случај да биде споен со предметот „Адитив“.
Во образложението се наведува дека Димитровска има право на судење во разумен рок и дека евентуално спојување на постапките би довело до долготраен судски процес. „Судот донесе правилна одлука,“ изјави нејзиниот адвокат.
На екс-претседателката на Антикорупциска ѝ се суди за оддавање службена тајна, односно дека на обвинет во „Адитив“ му пренесувала информации од финансиски истраги. Бранителот тврди дека се работи за јавни и некласифицирани податоци, но обвинителството смета спротивно.
Дополнително, на Димитровска ѝ се става на товар и кривично дело „компјутерски фалсификат“, бидејќи, според обвинението, ревизор од Државниот завод за ревизија во нејзино име полагал тест за добивање сертификат за државна тајна.
