Арсовска: „Ова е системска победа за жртвите на насилство“
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ја коментираше пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за физички и вербален напад врз неа, оценувајќи ја како значајна победа за сите жртви на насилство.
„Ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник. Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник да се претстави дека бил тепан од жена,“ напиша Арсовска на својот Фејсбук профил.
Судот го прогласи Љамалари за виновен за кривично дело – насилство и му изрече казна затвор во траење од две години. Осудениот е прогласен за одговорен за нанесување телесни повреди и упатување сериозни закани кон градоначалничката.
Дополнително, судот одлучи мерката притвор да му биде продолжена до правосилноста на пресудата, односно до започнување на издржувањето на казната, но не подолго од шеесет дена.
Случајот се однесува на инцидентот од 11 јули 2025 година, кога Арсовска заедно со овластени службени лица била на терен по пријава за бесправна градба. Според обвинението, Љамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката, нанесувајќи ѝ повреди и упатувајќи закани.
