ОДЗЕМЕНА СЛОБОДА И ИЗГУБЕНО НАЦИОНАЛНО ДОСТОИНСТВО

Стигнуваат пораки од секаде, промотивни материјали, заокружени бројчиња, видеа од дебати, презентирање на политички програми, ни влегуваат дома, на чет, ни го окупираат телефонот, не бркаат по улици.

loading...

Предизборната кампања е буквално тип на чипирање во кое секоја информација, значи соодветен тип на понуда од страна на ловците на души и гласови.
Ни ја земаат слободата, во овој момент не е важно дали си болен, родител, провајдер на семејството, дали си во финансиска криза, дали се соочуваш со тешки животни ситуации, важно е само дали и чиј ГЛАСАЧ си.

На секојдневна база стигнуваат пораки во чет со интерактивна платформа:

Госпоѓо Стојмановиќ,

Што сметате дека СДСМ може да направи подобро и што може да направи повеќе?

Во кој сегмент се потребни реформи:

Економија; Социјала; Образование и тн.

Додека го изнудуваат мојот одговор кој само треба да ми го загарантира чувството дека сум нешто тобоже прашана или за нив многу важна, се воздржувам да напишам неколку работи за кои знам дека секако нема да ги удрат по образ оние кои и го немаат.

Сакам да ми го вратите достоинството, гордоста да ми ја вратите. Ако ми го погазивте изборот за промена на името на државата што е по Устав клучна тема, зошто сега ми давате важност? Тоа е исто како силуван човек да прашате по втор пат дали се согласува на секс?!

Не ми требаат вашите прашања, ниту вам моите одговори. Имам право и слобода, а до некаде и обврска мојот одговор да го дадам на гласање кое е тајно и анонимно.

По игнорирање на таа порака следи нов бран од удари


loading...

Еј ти граѓанину, ти си важен за ДПМНЕ со пуна уста македонштина и килава политичка програма која ретко кого може да убеди ако не ловат на националните чувства.

Силијановска ќе ви зборува како родовата еднаквост е важна и како 40% од министрите во новата влада на ДПМНЕ ќе бидат жени, ама на прашање како ги коментира изјавите на нејзиниот сопартиец и сотркач за избирачка листа – Јанушев дека ќе тепа жени, Силјановска нема зборови за осуда.

Длабока хипокризија се провлекува низ целата кампања на ДПМНЕ.

Албанскиот блок е сосема неинтересен. БЕСА е целосно соединета со СДСМ, а ДУИ се интересира само за власт. Од таму скоро и да не доаѓа некаква опасност во однос на нивните барања. ДУИ се максимално прагматични и флексибилни, за нив трката за власт е покер со „All in“ чекори и веќе добро извежбан блеф.

Малите партии се надеваат на некое пратеничко место во Собранието кое нема да смени многу со однос на тоа дека и тие ќе коалицираат. А кај нас веќе се потврдило дека коалицијата значи едноумие воспоставено од најголемата партија во коалицијата (ДПМНЕ или СДСМ).

Што и да се понудите на политичките партии ништо нема да го врати изгубеното национално достоинство со кое се распртали СДСМ како да им е оставено во приватно наследство или силување на слободата и крајно лицемерна политика која ја водеше ДПМНЕ во нивното се чини бесконечно долго владеење.

Велат дека новите избори се време на нова надеж, на промени и на период во кој ќе биде подобро одошто било.

За мене овие избори не се ништо освен собир на луѓе кои се подготвени да газат по себе и по другите само да стигнат до – слава, моќ или пари. Ова се пет минути за луѓе со веќе одамна изгубени идеали, интегритети, соништа и вредности.

Автор: Магдалена Стојмановиќ/Мој збор