Огромни материјални штети предизвика невремето што ги погоди областите Благоевград и Пловдив во Бугарија
Системот за рано предупредување BG-Alert повторно е активиран за Благоевградската област поради можност од бура во текот на ноќта. Граѓаните се повикани да преземат мерки за лична безбедност и заштита на имотот, јавуваат бугарските медуми.
Предупредувањето го испрати обласниот управител на Благоевград, Васил Трендафилов, откако силното невреме во понеделникот вечерта (20 јули) предизвика голема материјална штета во Благоевград, Сандански, Петрич други населени места во регионот.
Најтешко е погодено симитлиското село Крупник, каде што во понеделник околу 21 часот пороен бран носел кал, дрвја и големи камења. Оштетени се патишта, поплавени се повеќе од десет куќи, однесени се покриви и оштетени се автомобили. Нема повредени лица.
Жителите цел ден ги расчистувале последиците, додека нов дожд повторно предизвикува страв од нов пороен бран. Кметот на Крупник, Александар Равначки, изјави дека повеќе куќи се погодени и дека на терен работат сите надлежни институции.
Силниот ветер соборил семафор во Кресна и голем број дрвја во регионот. Во Кресненската клисура се активирало свлечиште, поради што стотици автомобили биле блокирани повеќе од два часа. Електричното снабдување е обновено, а расчистувањето продолжува.
Невремето предизвикало штети и во Петрич и околните села Беласица и Марикостиново. Противпожарните, полициските и општинските екипи ги отстрануваат паднатите дрвја и гранки, а возачите се повикани на зголемена претпазливост.
Тешко невреме го погоди и Пловдив, каде што за нешто повеќе од еден час наврнале меѓу 20 и 50 литри дожд на квадратен метар, со ветер до 100 километри на час. Поднесени се повеќе од 500 пријави, а над 40 автомобили се оштетени од паднати дрвја.
Поплавени биле улици и подвозници, прекинато било напојувањето на пумпни станици, а паднато дрво ја оштетило контактната мрежа кај железничката станица.
Расчистувањето на штетите продолжува, а институциите ги повикуваат граѓаните да ги следат предупредувањата преку BG-Alert.
