|

ОМФИФ: Народната банка прва во светот според застапеноста на жените на раководни места во финансиските институции

Народната банка е прва во светот меѓу централните банки и финансиските институции според застапеноста на жените на раководни позиции. Ова е нотирано во објавата на британскиот тинк-тенк ОМФИФ – Официјалниот форум на монетарни и финансиски институции, посветена на Индексот на родова еднаквост во финансиските институции за 2022 година. Со овој индекс веќе девет години по ред се рангираат финансиските институции според родовата застапеност.

Водејќи се од заложбите за унапредување на положбата на жената во финансиските институции, ОМФИФ ја поздравува високата застапеност на жените на раководни места во нашата централна банка, претставувајќи ги како институции со врвни достигнувања.

Во нивната објава за застапеноста на жените во раководните структури на Народната банка, се истакнува дека пет од единаесет високи раководни позиции во Народната банка ги извршуваат жени, меѓу кои и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерките Емилија Нацевска и Ана Митреска.

Годинава, покрај лидерското место на Народната банка, на листата на централни банки на ОМФИФ со најголема застапеност на жени на раководни позиции се најдоа и централните банки на Австралија, Тонга, Аруба, Србија, Норвешка, Малдиви и на Тунис. Како што се наведува во објавата, покрај Народната банка која има исклучително високо присуство на жени на раководни позиции, останатите седум централни банки на листата имаат или гувернерки или жени во советот, но не и на двете нивоа, како што е случајот со нашата централна банка. Централните банки на Норвешка и на Аруба, на пример, немаат вицегувернерки, но имаат гувернерки, додека централните банки на Австралија и Тонга немаат гувернерки, но имаат висока застапеност на жените во високото раководство.

Од ОМФИФ забележуваат дека трендовите покажуваат напредок во родовата застапеност во финансискиот сектор, како и дека се повеќе централни банки се раководени од жени. Сепак, иако континуиран, напредокот во оваа област е бавен. Наведените централни банки, заедно со уште седум фондови, каде што застапеноста на жените на раководни позиции е висока, изнесуваат помалку од 5% од 335 институции колку што беа опфатени со анализата на Индексот за родова еднаквост. Оттаму, претстои уште работа за да се зголеми застапеноста на жените на раководните позиции во финансиите во глобални рамки, велат од ОМФИФ.

Слични Објави