Онака сложно како што ги зачуваа патните трошоци, пратениците да изгласаат дополнително покачување на минималната плата од 6.000 денари, побара Трендафилов
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес до Владата, до Собранието и до работодавачите достави предлог во кој бара дополнително зголемување на платите работниците за 6.000 денари покрај редовното законско зголемување на минималната плата кое треба да се случи месецов, а ќе влијае на зголемување на сите останати плати. За да можат работодавачите во приватниот сектор да ги зголемат платите на работниците, ССМ бара државата да се откаже или да ги субвенционира придонесите за задолжително социјално осигурување кои треба да се плаќаат на дополнителните 6.000 денари во период до 12 месеци. Доколку Владата не го прифати овој предлог, Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, ги повика пратениците да го изгласаат оти е доставен и до нив.
„Тоа што го предлагаме денеска е пратениците, онака сложно како што беа сложни да ги зачуваат трошоците за превоз, да гласаат за предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за дополнително зголемување на минималната плата за 6.000 денари што ќе значи и дополнително зголемување на сите останати плати на работниците во Македонија“, рече Трендафилов.
Тоа што државата би се откажала од придонесите за задолжително социјално осигурување за дополнителните 6.000 денари, Трендафилов вели дека нема да го осиромаши буџетот оти е веќе предвидено законското покачување на минималната плата.
„Државата има испланирано придонеси на нивно на системското покачување, тоа што бараме е Владата на непредвидените приходи од задолжителното социјално осигурување да се откаже во период од 12 месеци или да ги субвенционира за работодавачите во приватниот сектор да можат да ги зголемат платите на сите работници за најмалку стотина евра“, рече претседателот Трендафилов и нагласи дека парите од покачувањето што би го добиле работниците нема да завршат в банка, туку за основни прехранбени производи за кои данокот е од пет до осумнаесет проценти, пари кои повторно ќе завршат во буџетот.
Со договорите за вработување или анексите за покачување на платите од 6.000 денари во приватниот сектор, платите ќе останат на истото ниво и по истекот на тие до 12 месеци во кои се бара субвенција од државата или откажување од државата за задолжителните придонеси. Трендафилов вели дека значи близу 40 отсто повторно ќе одат назад во буџетот како придонеси од задолжително социјално осигурување што, пак, ќе помогне работниците да затворат мал дел од дупката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за редовното финансирање исплата на пензиите.
Трендафилов очекува до 15 март да бидат повикани на разговори за дополнителното покачување од 6.000 денари. Доколку тоа не се случи не е исклучена можноста за штрајк.
„Упатувам порака до Владата и до работодавачите еднострано да не одлучуваат за ваквиот предлог особено поради фактот што и ние како претставници на работниците исто така еднострано можеме да одлучиме да го искористиме правото на штрајк“, вели Трендафилов.
ССМ потсети дека итно мора да се формира и Комисијата за утврдување репрезентативност, без која не може да се објави износот на минималната плата која законски е предвидено да се покачи овој месец. Комсијата за репрезентативност е нефункционална оти се повлечени тројцата претставниц од Владата. Без нив Комисијата не може да утврди репрезентативен претставник на работниците за преговори во Економско-социјалниот совет каде, пак, се преговара за зголемување на минималната плата која значи зголемување и на сите останати плати.
