| |

Опасниот пожар во Грција може да се прошири и во Бугарија

Опасноста пожарот што гори во планината Славјанка, во близина на грчко-бугарската граница, да се прошири и на бугарска територија останува, јавува дописникот на БГНЕС од регионот.

Главно гори сува трева и грмушки. Пожарот, кој се шири по сртот на планината, се следи со дрон.

Во спречувањето на огнената стихија да влезе на бугарска територија ќе се вклучи и бугарската армија. Од денеска во напорите ќе бидат активирани 25 воени лица со 6 возила со специјализирана опрема од копнените сили.

Групата војници од командата на Третата бригада – Благоевград учествуваат во пресретнувањето и спречувањето на пожарот во атарот на селата Голешово и Петрово, општина Сандански, округ Благоевград.

На војската им се придружиле и екипи на Противпожарната служба кои на лице место ја следат состојбата. Ним им помагаат жандармеријата и служителите на шумските стопанства.

На територијата на државата во моментов нема активни пожари, јавува прес-центарот на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.

Фото:БГНЕС



Слични Објави