Оптичка илузија ли е Кина за инвестиции кај нас
Христо Михајлов
За големо наше сожалување, денешна Р.С. Македонија продолжува да биде само инвестициско темно петно за големите пари. Да си кажеме најотворено – бизнис-климата во земјава баш ги одвраќа странските евентуални инвеститори. Мантрата за ниски даноци некако не ни работи како што треба. Државната администрација, тешките регулации и мошне високото ниво на корупција само нè претворија во своевиден Бермудски триаголник за туѓите капитали.
На фонот на сето тоа и шпекулациите за и околу земените 5–6 милијарди евра или долари од Кина не нè претворија во стремеж да ја промовираме нашата држава буквално како ни повеќе ни помалку инвестициона атракција. Логичното прашање е дали тоа е правилното место во барањето надворешни инвестиции? Еднозначен одговор воопшто нема. Но внатрешниот усет ни говори нешто сосема поинакво – дека божем таа соработка ќе си остане во рамките на една пријателска соработка меѓу добронамерни партнери.
Обидувајќи се да дадат валидни аргументи, некои шарлатани во таа насока, забораваат дека во последните години ситуацијата во самата Кина се промени драстично. Кинеската комунистичка партија прифати таков курс уште од поодамна – економски развој пред сè базиран на внатрешна побарувачка, а не само на извозот, како што беше порано.
И покрај зашеметувачкиот економски раст на самата Кина во последните триесет и кусур години, тоа преформатирање на нивниот економски систем ги направи кинеските инвестиции надвор од неа, пред сè, само со геополитички привкус. Па така, според оценка на експерти, во 2012 година над 55% од економскиот раст на Кина дошол од внатрешната побарувачка. Сепак, тие исти цифри не треба да се земаат како чиста монета, затоа што е познат фактот, дека кинеската статистика има силно политизиран фундамент.
Од 2008 година па наваму, кинеската влада излеа стотици милијарди долари во такви инфраструктурни проекти, во кои последното нешто што се целеше беше само економската ефективност. Од друга страна пак, никако да не заборавиме дека количеството на државните банки во земјата доминираше. Кинеската интервенира пред сè за решавање на социјалните проблеми, што само по себе води до понатамошно задлабочување на диспропорциите во економијата.
Да, средната работна плата таму се зголеми за дваесетина проценти во 2012 година при 2% ниво на инфлација. Но нештата не изгледаат толку розово во длабочина, бидејќи економскиот раст на кинеското стопанство е исто толку неприфатлив, колку што е за македонското стопанство раст под 3%. За истата таа 2012 година економскиот растеж беше само 7–8%, а кажувам „само“, затоа што во последните 30 години средното темпо на раст на економијата се движеше некаде околу 10%.
Во Кина пак сметаат дека бројот осум има некаква си таму магија. Па така, богатите Кинези плаќаат прескапо за да се здобијат со автомобилски таблички со многу осмици. Ако вашиот број е бројот осум, се смеат дека тоа ќе ви донесе среќа, а раст на економијата под 8% се смета за лош знак. Колку и да звучи чудно, осмицата во голема мера ги диктира личните настроенија на Кинезите и при носењето поважни одлуки.
Државните стимули во нивната економија го надуваа пазарот на недвижнини до ценовни нивоа типични за големите градови во светот. Во најголемите индустриски кинески градови цената на квадратен метар е некаде околу 3.500 долари, ако не и повеќе. Тоа ја вклучи предупредувачката ламба кај тамошните управители и беа наложени значителни рестрикции при купувањето на втор дом – на пример, под форма на речиси двојно поскапи хипотеки.
Од 2010 година па наваму, различни инвеститори силно најавуваа дека во основата на глобалниот економски раст за следното десетлетие ќе бидат Кина, Бразил, Русија и Индија (БРИК). Да, во рамките на две години таа прогноза се покажа веродостојна, но има едно големо „но“?! Според анализаторите, мошне е веројатно кинеската економија да биде заразена од т.н. јапонска економска болест во следните години. Таа претставува ниска инфлација, низок економски раст и ниско внатрешно потрошување.
Државата определено доминира во економските процеси, што е нож со две острици. Всушност, како таа ќе го стимулира внатрешното побарување и истовремено ќе го контролира пазарот на недвижнини? Како ќе биде решен проблемот со огромниот број неефикасни државни претпријатија и истовремено ќе биде приложена и програмата за активна урбанизација на стопанството? Како ќе биде надминат тоталниот монопол на државните претпријатија во телекомуникациите и во производството на електрична енергија???
За нашите политичари е најважно да се знае дека де факто износот на капитал од земјата на Далечниот Исток е силно регулиран процес. Кинезите го немаат тоа право да ги инвестираат своите пари надвор. Да напоменеме само дека кинескиот јуан продолжува да биде со условно фиксиран курс спрема основните валути. Балансите на кинеските банки се силно заразени со лоши кредити, што во практика ги прави многу зависни од државните средства што се насочуваат кон нив.
За 2013 година прогнозите за кинеската економија беа дека ќе го направи својот најнизок раст од 1990 година па наваму. Повеќето анализатори фокусирани врз Кина се на мислење дека е неизбежна финансиска криза, и покрај стремежот на комунистичката влада да ги прикрива реалните состојби.
Р.С. Македонија ќе се обиде да привлече кинески инвеститори, но објективно, тие не се најправилната таргет-група во моментов. Од една страна, македонскиот пазар е пренебрежливо мал за кинеските инвеститори, а од друга пак, кинеските регулации за износ на капитал се, така речено, убиствени. Нашата држава единствено може да биде промовирана како платформа за обслужување на кинеските интереси во овој регион и пошироко – и тоа во квалитет на евтина работна сила.
Тоа е суровата констатација за наша жал и нема никакво сомневање дека, како директни инвеститори, Европската Унија би можела да одигра многу посуштинска улога за економскиот раст на нашата земја отколку миражот наречен Кина.
Кинезите имаат исклучително чудно бизнис-поведување, речиси неразбирливо за Европејците. Тие секогаш ти даваат чувство дека нештата секој момент ќе се случат, но тие ретко се одвиваат според очекуваното сценарио. Да не заборавиме дека нашите грчки соседи направија пат до Пекинг во обид да активираат кинески инвестиции во грчки активи, најмногу во банкарската сфера, но по таа шема не беше вложен ама баш ниту еден долар.
После секоја средба, Грците со приподигнато расположение, но јавно, и самите тие не разбираа точно како се прави бизнис на кинески начин. Дали сте слушнале за трикот на Кинеските жени? Нешто од сортата како да си купиш насушен леб без никакви пари?!

