| | |

Раѓањето на македонската нација (7)

Писмо на А. С. Величков, постар научен соработник во Украинската комунистичка академија, до Петар Искров во врска со намерите на група советски научници – слависти од Киев, да работат по прашањата за македонскиот јазик

Д-р Искров,
Тука работат неколку професори во областа на словенското јазикознание: Булаховски, Грунски, Дринов и др. Некои од нив (Булаховски, Грунски) се познати како научници и во странство. Јас разговарав со овие слависти и тие ветија дека ќе напишат ред научни статии што се однесуваат на различни јазични прашања кои ги засегаат различните словенски наречја на Балканскиот Полуостров.

Ние се задржавме на научна разработка на следната тема: Дали македонскиот јазик претставува самостоен словенски јазик или тој е само една разновидност (наречје) на бугарскиот јазик? Сите слависти во Украина се согласни дека Македонците се самостоен словенски народ, но кога станува збор за јазикот на Македонците, постојат разни мислења. Некои сметаат дека специфичен македонски литературен јазик нема, значи Македонците користат бугарски литературен јазик. Други мислат дека македонскиот јазик е самостоен словенски јазик со свои особености кои го разликуваат од сите други јазици. Обиди за самостоен македонски литературен јазик постоеле, особено во првата половина на XIX век (на пример: Автобиографијата на Гр. Прличев, делата на Јоаким Крчовски, Жинзифов и др.), но поради засилувањето на националистичката пропаганда во Македонија (бугарска, српска), поради тоа што центарот на бугарското национално будење се префрли во Источна Бугарија и поради многу други причини, македонската интелигенција почна да користи бугарски или српски (а исто така и грчки) литературен јазик.

Јас не знам дали нашата партија и КИ имаат точен и целосно определен став за јазикот на Македонците. Ако има таков став, ако БКП и КИ сметаат дека македонскиот јазик е самостоен јазик, известете нè веднаш за да ја насочиме истражувачката работа по правилен пат. Истражувањето на прашањето за јазикот на Македонците има важно политичко значење, особено сега, во врска со фашистичките теории за раса, националност итн., и со засилувањето на националистичките и шовинистичките проповеди на бугарските и српските буржоаски научници.

Објавувањето на трудови од наши, советски научници со светска слава по ова прашање, при тоа со ново, марксистичко разбирање, ќе има голем одѕив на Запад и на Балканот, бидејќи овие статии ќе бидат објавени и на Запад. Најважно за нас е да ја насочиме истражувачката работа по правилен пат.

Лично јас не се занимавам со јазични прашања и немам конечно оформено мислење за македонскиот јазик. Јас работам овде во ВУАМЛИН, Украинската Комакадемија, како повисок научен соработник. Работам на западноевропската литература. Во текот на 1935 година треба да напишам труд за творештвото на Р. Ролан. Одвојувам време и за бугарската литература, но малку. Последниве неколку месеци сме зафатени со разгромот на националистичко-троцкистичкиот блок на Украина. Имаме големи успеси.

И така, го чекам вашиот одговор. Пишете, ако е можно, поскоро за да не се одложи нашата работа. Прашањето е сериозно и заслужува да се одвои време за негово разјаснување.

Привети Величков 
Киев, Бульвар „Шевченко” 14, ВУАМЛИН.
Литкомисия. Величкову А. С.
Р. S. Президент на ВУАМЛИН е др. Дзенис, бивш секретар на Латишката партия (нелегална), той напълно е съгласен да използуваме нашите учени на Украйна за разработка на Коминтерновски въпроси.
ЦДА, ф. 3 б, оп. 4, а.е. 445, л. 15-18. Оригинал. Ръкопис.

Продолжува



Слични Објави