Орце Ѓорѓиевски доби поддршка од Изет Меџити и Башким Бакиу за вториот круг во Скопје
Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари средба со новоизбраниот градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, и со кандидатот за градоначалник на главниот град од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
По средбата, Ѓорѓиевски објави дека добил „искрена и силна поддршка“ од двајцата политичари за вториот круг од локалните избори во Скопје. Според него, оваа поддршка претставува дополнителна енергија и мотив да продолжи со визијата за модерно и обединето Скопје.
„Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, порача Ѓорѓиевски во својата објава.
Тој додаде дека очекува „историска победа“ во вториот изборен круг, нагласувајќи дека заедништвото и поддршката од различни општествени и политички структури се клучни за иднината на градот.

