| |

Ортодоксна секуларност

Facebook статус на Никица Корубин

Кога во 11 век христијанската црква конечно се поделила, поради различното разбирање на догмата утврдувана низ вековите преку Вселенските собори, преку шизмата се полагало право на правоверност, односно ортодоксија. Она што денес го познаваме како православно христијанство, е всушност ставот на Константинопол наспроти Рим тогаш, две од оригинално петте древни патријаршии, кои денес остануваат симбол на источното христијанство – православието и западното христијанство – католицизмот. Која вера е вистинската и оригинална, така некако сублимирано метафорички, може да го симплифицираме процесот.

И така некако звучи, уште посимплифицирано, повикот на “ загриженост” за нарушената секуларност во законодавниот дом, при речиси неформалното одбележување на неодамна прогласениот “Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница”, чиј ко-спонзор на резолуцијата во Обединетите нации беше и Северна Македонија. И наместо главна тема да беше, зошто ниту една државна институција, формално не го одбележа денот со официјална, а не неформална седница, затоа што таа резолуција подразбира имплементација во правниот поредок, и е адресирана до сите оние кои го негираат извршениот геноцид; темата се префрли на згрозување од “нарушената секуларност” преку “верски обред” извршен на самото (не)формално одбележување.

На страна што воопшто немаше инволвирана било каква формална верска заедница, за да може да има нарушување на секуларноста, затоа што секуларноста на државата согласно нашиот устав се дефинира според поврзаноста, односно одвоеноста од државата на регистираните верски заедници. За разлика пак, од тоа, се гарантира слободното изразување на верата. За разлика од редица други, директни инволвирања на верските заедници, особено во ликот на МПЦ-ОА, во официјални активности, вклучително и директно мешање во политички, односно “световни” прашања.

Но, за воља на вистината, улогата на МПЦ-ОА е само едната страна од паричката, пасивната, бидејќи таа и не би можела да биде активен чинител во било какво “државно прашање” од кое според уставот е одвоена, да нема официјални државни лица во ликот на пратеници, премиери, министри, претседатели, кои тоа активно го овозможуваат. Истите оние кои сега се жалат на нарушена секуларност, со чин на индивидуална молитва, од не само неортодоксна вера, туку од друга вера. Двојни стандарди, религиска нетрпеливост или намерен дефокус?

И кога веќе нема никаква нарушена секуларност, во овој случај, ама затоа има сериозно фаворизирање на религиската припадност и нивно инволвирање во сржта на Републиката, која де факто по својата суштина е секуларна; да се вратиме на суштината. Дали со ваква експресна реакција, всушност имаме експресно “правдање” на обединетата македонска власт-опозиција на одбележувањето, макар и неформално, но во формална највисока институција, на геноцидот во Сребреница, кој тема и сеќавање на жртвите, на овој начин, брутално беа ставени во втор план?

А, секуларноста која со години се “топи” од сите социјалдемократски, академски и политички христијани, е сведена на обична алатка, во овие турбулентни регионални шеми и “светови” во кои државата неодговорно се провлекува. Обединето, а како инаку може во Отворен Балкан.

Па, откако и ова речиси “со сила” одбележување на Сребреница, се компромитира, може и навистина да се посветиме на сегашноста, односно секуларноста. Па, кога веќе сите се во Охрид на отворањето на Охридско лето, само една прошетка до Плаошник, ја дава на увид жестоката “приемена во пракса” на секуларноста и заштитата на идентитетот, односно културното наследство, во едно.

Ќе ги облее невидена среќа сите, како “секуларно” се уништува со години културното наследство, во име на изградба врз идентитетот и истото тоа културно наследство, од “наши пари” и “секуларно” на нови објекти, кои државата потоа ги отстапува на една верска заедница, која нели со уставот е одвоена од државата. Обединети во (моно-религиската) секуларност. Онаа ортодоксната. Силни на зборови, слаби на дела, некако?



Слични Објави