|

Османи бара да се потпише договор со кој сите партии ќе дадат единствена поддршка на патот кон ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи упати апел до опозицијата што поскоро сите заедно да седнат на заедничка маса и партиите да потпишат договор со кој ќе дадат поддршка на патот кон ЕУ.

„Доколку сакаме 2030 година да биде за во ЕУ тогаш ние овде треба да си подадеме рака, меѓу власта и опозиција. Политичките партии треба да кажат дека оваа тема ќе ја тргнеме надвор од дневно-политичките препукувања. Нас ни треба нов рамковен договор за Европската Унија, партиите од било која страна на политичката сцена ќе склучат договор дека ќе се поддржуваме за прашање што се однесуваат на ЕУ“, рече Османи на денешната прес конференција, пренесува 360 степени.

Според него се има погрешна перцепција дека ние ќе преговараме со Унијата.

„Ние не преговараме со Унијата. Директивите и регулативите на ЕУ вие мора да ги прифатите. Независно кој е на власт, дали десничарска партија, дали левичарска партија, не може да преговара за некои директиви и регулативи на ЕУ. Прашањето на преговори е внатре во државата кога ќе сме спремни да ги прифатиме тие директиви, тоа се преговорите. Преговорите се внатре. Така да бидејќи нема разлики во преговорите и целите зошто треба да има разлики во пристапот меѓу различните политички партии“, рече Османи.

Тој упати апел до сите политички партии да ја искористат оваа шанса, да седнат партиските лидери, да склучат меморандум, да склучат договор дека ќе се помагаат за прашања за Европската Унија независно кој е на власт.

„Преговорите ќе ги надминат политичките мандати на една политичка партија. Ви гарантирам дека до 2030 година ќе има неколку влади од различна политичка провениенција. Мора да ја поделиме и одговорноста и заслугите за овој процес. Мора на крај граѓаните и државата да бидат победници од овој процес. Еве повик уште еднаш како министер за надворешни работи дека времето е сега и секој еден ден губење во постигнување на договор ќе биде еден ден на одложување во постигнување на крајната цел, а тоа е членство во ЕУ“, нагласи министерот додавајќи дека досега нема одговор од опозицијата дали се согласни на ова.

Целиот напис прочитајте го овде.

Слични Објави