ОСМАНИ ДЕНЕСКА ВО СОФИЈА ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО БОРИСОВ И ЗАХАРИЕВА
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Република Бугарија и ќе оствари средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов и заменик-претседателката на Владата за правосудна реформа и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева.
Посетата, како што соопшти МНР, претставува прва билатерална посета на министерот Османи и е во духот на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји и интензивирањето на политичкиот дијалог.
„На средбата ќе се разгледаат можностите за продлабочување на билатералната соработка во областа на инфраструктурата, здравството, одбраната, туризмот, образованието, културата, како и сите други области во кои се остварува успешна соработка согласно напорите за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, стои во соопштението.
Министерот Османи со премиерот Борисов и со Захариева ќе разменат мислења за напредокот на регионот во процесот на европската интеграција, како и за активностите кои и претстојат на Република Северна Македонија, напредокот на реформскиот процес и одржувањето на првата Меѓувладина конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ до крајот на годината, за време на германското претседавање со Советот на Европската Унија.
Како ко-претседавачи со Берлинскиот процес, министерот Османи со својот домаќин, министерката Захариева ќе ги разгледаат досега преземените и идни ангажмани во пресрет на состаноците и Самитот на Берлинскиот процес кој ќе се одржи на 10 ноември во Софија, се наведува во соопштението на МНР и се додава оти ќе се разговара и за актуелните состојби во регионот, регионалната соработка и други значајни меѓународни теми.