Османи: Не можеме да ги вклучиме Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите со ЕУ
„Не е провокација отворањето на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, туку неговото име“, изјави на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, пренесува БТА.
Според него, дел од присутните на отворањето имале намера да предизвикаат реакција во Република Северна Македонија за да покажат дека во државата не се почитуваат човековите права.
„Не дозволивме создавање на вакво алиби“, рече Османи и додаде дека државата соодветно реагирала по сериозна анализа.
„Првично потпретседателката на Бугарија Јотова посака да присуствува на отворањето на бугарскиот клуб и имавме информации дека со неа ќе бидат присутни Каракачанов и Захариева. Една од претпоставките беше дека посетата на центар со контроверзно име (Иван Михајлов) требаше да обезбеди алиби за главниот наратив на Бугарија во последните месеци, дека спорот е всушност спор за човековите права и дека Република Северна Македонија не ги почитува човековите права. Ни беше многу важно да не дозволиме да потпаднеме на стапицата.
Мојата улога како министер е да го зачувам имиџот на земјата во светот, дека таа е демократска држава во која сите граѓани ги уживаат сите права и дека нема да дозволиме алиби за наративот дека се кршат човековите права на која било етничка група вклучително и бугарската. Не бевме дел од оваа посета, не затоа што се отвора бугарски клуб, јасно сакам да кажам дека немаме ништо против некоја заедница да отвори клубови и центри, спорно беше името на овој клуб, што тука се доживува како провокација“, изјави Османи.
Османи појасни дека не реагирал со емоции на она што се случувало што предизвикало бурни реакции кај дел од политичките партии во Република Северна Македонија, туку според стратегијата на државата. „Се спушти облак врз односите меѓу двете земји, кои се обидуваме да ги разјасниме последните неколку месеци, но не можам да дозволам ова да го наруши процесот на интеграција бидејќи немаме алтернатива и допрва ќе губиме време“, изјави Османи.
Според него, ако сега престанат разговорите, прашањето ќе се врати како бумеранг подоцна, и во други услови, особено ако Албанија во разговорите се оддели од Република Северна Македонија во преговорите.
„Не е лесно. Да беше лесно, одамна ќе ги решивме отворените прашања со Бугарија, но емоциите мора да се оладат. Не добиваме јавна поддршка, но некој мора да го води овој процес“, рече Османи и додаде дека не може да вети дека Република Северна Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но работата не треба да запре, емоциите треба да се оладат.
„Ова не треба да го кажам пред медиумите, туку на преговарачка маса, но не можеме да ги вклучиме Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите, не затоа што не сакаме, туку затоа што не можеме. И тоа нема да се случи“, рече Османи, но не прецизираше дали причините се во долгиот процес на промена на Уставот или неможноста да се постигне потребното парламентарно мнозинство.
Бујар Османи потсети дека културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола постои од 2019 година, дека е регистриран според еден од двата закони за вакви здруженија во Република Северна Македонија и дека тој ќе бил отворен со или без присуство на бугарската делегација.
„Фактот што ние не бевме таму покажува дека ова е неприфатливо за нас. Со друго име ние би оделе заедно на отворањето на таков центар“, рече Османи.