Османи: Ни требаат јавни дебати за уставните измени, а не консултации по ходници
Предвремени избори за усвојување уставни измени не се решение. Избори ќе има во април-мај 2024 година, а годинава што доаѓа е година во која треба да се решат важни прашања за да имаме нормални избори, дециден е министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во интервјуто за „Слободен печат“ што ќе биде објавено во празничниот број на весникот, на прашањето дали сепак има шанси Владата да се согласи на предвремени избори во замена за уставни измени, Османи вели дека навистина е некоректно кон граѓаните едно важно прашање за државата да се става во трансакциски однос со избори.
-Прво не е фер да им кажете, јас ќе ви ја кочам иднината ако вие не ми дадете власт. Па граѓаните нека проценат. Или да кажат преносно „ви ги тераме вашите деца иднината да ја бараат надвор, да не можете да си планирате иднината овде заради тоа што ние сметаме дека ние треба да бидеме на власт“. Мислам дека никој не би се осмелил вака да им каже на граѓаните, а изгледа дека суштината на барањето за избори е тоа, вели Османи.
Според него, „за среќа“ и противниците на уставните измени констатираат дека тие не се спорни и не може да имаат негативно влијание врз граѓаните и државата, па по тоа се гледа дека спорот меѓу власта и опозицијата во моментот е само заради партиско-политички изборни калкулации.
Изборите, вели не се вклопуваат во интересот на граѓаните. Неговиот став е дека веќе од наредната недела треба да се формализира процесот на консултации и наместо „по ходници“ да се водат во Парламентот, потоа да има јавни дебати во кои ќе се вклучат експерти и политичари.
Дали ќе има избори 5 месеци порано или подоцна малку им значи на граѓаните. Повеќе им значи на партиските калкулации. Мое мислење е дека од 1 јануари треба да лансираме формални дебати во јавноста кои треба да ги поттикнат пред се комисиите во Парламентот, изјави Османи, додавајќи дека има простор да се најде заеднички јазик во однос на грижите што ги има опозицијата кон процесот.
Извор: Слободен печат
