Османи од Узбекистан ја започнува посетата на Централна Азија како Претседавач со ОБСЕ
Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи од утре ја започнува својата посета на Централна Азија. Во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, дел од агендата на Претседавачот е посета на Узбекистан и на Казахстан, извести Министерството за надворешни работи.
Посета на Централна Азија, Османи ќе ја започне од Ташкент, Узбекистан каде што ќе оствари средби со државниот врв. Предвидени се средби со претседателот Шавкат Мирзијоев. Покрај средба, Османи со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов, ќе има и заедничка прес-конференција. Османи во Ташкент ќе се сретне и со претставници на ОБСЕ Канцеларијата на проектниот координатор во Узбекистан.
Како што соопшти МНР, според програмата, во Ташкент Османи ќе има средба и со Танзила Нарбаева, која претседава со Сенатот на Узбекистан како и со претставници на граѓанското општество.
Од Узбекистан, Османи ќе патува во Казахстан каде што исто така ќе има средби со официјалните државни лица, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за одблиску да се запознае со активностите и проектите што ОБСЕ ги спроведува во Казахстан.
Османи ќе се сретне со Касим Јомарт Токајев, претседател на Казахстан, а со вице-премиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу ќе имаат и заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе се сретне и со претставници на граѓанските организации.
Регионот на Ценатрална Азија претставува еден од приоритетите во работата на ОБСЕ, кој се соочува со постојани предизвици, сега засилени и со влијаението од воената агресија од Руската Федерација против Украина, како и од состојбата во Авганистан.
Посетата на Централна Азија претставува реализирање на еден од приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, како и работата на сите теренски мисии на ОБСЕ и поддршка на нивната програмска и проектна соработка со земјите во ЦА, се додава во соопштението на МНР.