|

Oсмани тврди дека не е вистина оти скрил документ за признавање на старите пасоши во ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи рече дека се лажни вести обвинувањата дека наводно скрил важен документ потпишан од 25 земји-членки на ЕУ, дека до септември македонските граѓани ќе можат да влегуваат во Унијата со важечките пасоши со старото уставно име на државата.

„Не е точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ“, рече Османи.

Како што образложи, проблемот e тоа што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Со тоа, вели Османи, ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ, а граѓаните не можат да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани тие пасоши како неважечки. За враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ“, рече Османи.

Министерот оцени дека е бавен процесот на издавање пасоши и рече се понудил лично со Министерството за надворешни работи да сликаат за пасоши, да пополнат формулари да им помогнат. Оваа работа, вели Османи, бара капацитет, а не политиканство и удирање во гради дека нема да го користат новото име на државата, а потпишале сѐ со Северна Македонија и даваат такви изјави.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, претходно, на Фејсбук објави фотографија од допис од 23 февруари, годинава, од италијанското МВР каде стои дека по препорака на Европската комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година.



Слични Објави