ОТКАЗИ ВО БЕРОВО И ФОТЕЛЈИ- СПОЈ НА СУВОТО И СУРОВОТО

//

Државата создаде услови за фирмите да можат да покажат одговорност и солидарност и сето тоа со цел да им се даде поддршка- помош на средните и малите претпријатија, за да се задржат вработените во ова тешко време- време на Ковид-19. Со веќе уредно усвоени законски мерки, државата дава можност за спасување на 250.000 работни места и помага на 35.000 фирми. Бројкава не е воопшто за потценување. Но само на 136 компании им проработел инстинктот на солидарност, поточно дошле до проценка дека им е изводливо да го искористат бескаматниот кредит. Ова ме потсетува на времето кога се доделуваа субвенции на земјоделците, каде што не беше задолжително да си земјоделец, но големо внимание се посветуваше околу партиските книшки, никако не смееше бојата да ти биде згрешена.

Опозицијата ДПМНЕ жестоко ја напаѓа власта. Според нив, мерките воопшто не се сериозни и дури над 160.000 граѓани остануваат на улица без работа и упатуваат апел дека Македонија е на дното и дека треба да се преземат поригорозни и посоодветни мерки.

Во нашиот бисер Берово, фабриките се бројат на рака, но падот на економијата не ги поштеди ни сопствениците ни работниците од фабриките.


Еден од директорите на тие претпријатија се справи на следниот „солидарен“ начин каде што ПОГОДЕН од овој немилосрден вирус, во паника, на своите вработени им поставил прашање: „Кој има познат во Алфа ТВ? Ни се јавија од таму, се правеле непланирани изјави од нас директорите (упс на неподготвените бизнисмени им дошло малку кисело).

Следниот чекор е класичниот израз за поимот загриженост (тоа доаѓа од „срцето“ раководено од суетни поттици за личен интерес): „Господa, се наоѓаме во тешка ситуација. Тоа што го нуди државата е неприфатливо и не можам да гарантирам за вашите работни места. Поради ова ДЕЛ од вас ќе мора да си заминат, селекцијата е направена и се чита списокот.

„Господата“ погодена и во срце и во џеб заминува дома за да ги запази мерките на претпазливост од Владата, бидејќи казните се со тешки бројки.
Е кај тоа друштво на испуштени од работа „господа“, освен колегијалноста, зеднички им е и стравот (дел од нив го прехрануваат своето семејство од таа минимална плата). Кај други пак кои имаат стаж по 20 и повеќе години им е повредено чувството на почит и се појавува огромна грижа дека не се толку млади и не можат да најдат друга работа а до пензија ако преживеат од вирусот, нема како да се издржуваат.
На третиот дел од „господата“ што ќе останат да работат, им се најавува тежок период. Кој од овие случаеви ќе биде помалку погоден, останува да видиме после изборите.



А за тоа време ДПМНЕ ако сака да ја сруши Владата, стратегијата треба да ја подобри за едно 10 скали. Излегувањето пред говорница со маркирани костуми и облека и држењето на говори во името на човекољубието а воедно трошењето на пари за медиумски реклами, кое се разбира е водено од чувството на солидарност, не е баш убедлива тактика за излезот на „Македонија од дното“. Според Мицкоски, Македонија во економскиот развој се наоѓа 100-тата позиција а пред нас се Хрватска, Словенија, Србија … и другите соседи. Кај овие наши соседи, дипломите не им биле купени, не биле толку учени, па помалку знаеле да крадат и останало нешто и за државниот буџет.

Ако се преземат правилните мерки, како на пример средствата што се користат за саморекламација пред изборните кампањи, барем половина да се пренасочат за загрозените граѓани би било од голема помош, а економијата ќе закрепне дури побрзо од нас. На сите врвни функционери од тој елитен микс (ДПМНЕ и СДСМ ) да се направи прецизна пресметка од нивниот некогашен имот пред да седнат на фотелја, па се до сега, откако седнале и да се открие како магично преку ноќ им пораснале банкарските сметки, пресметано по десет од нивните примања. Можеби тука некој има за враќање нешто што не е негово и добиено преку нечесен начин.

Самоволно и хумано, како што држите емотивни говори, би било уште почовечно барем 10 % од краденото да го донирате за подобрување на нашата економија на пример. Ова е вистински момент за тоа! Секако иако верувам дека ќе ви биде претешко, може некоја Версаче чанта, елитен костум, луксузни гаќи од 500 евра па дури и удобните и луксузни фотелји да ги пуштите на продажба online. Верувам дека би се јавил некој македонски газда од странство и ви би ги купил а со тоа ќе направите среќно некое семејство. Луѓето ќе ве почитуваат, ценат и сакаат, а не да ви се плашат, така би било полесно да се управува државата, иако со тоа и вашите џебови би се скратиле за многу броја.

Автор: Александра Трнковска

Претходна статија

АНТИКОРУПЦИСКА ПОВЕДЕ ПОСТАПКА ПРОТИВ 10 ОБВИНИТЕЛИ НА СЈО

Следна статија

ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС СМЕАТ ДА РАБОТАТ САМО МАРКЕТИ СО ДОЗВОЛА ОД КРИЗНИОТ ШТАБ

Најново од Истакнато

Невладини организации на македонски Бугари од РС Македонија со осуда за срамниот говор на омраза кон Бугарите и Бугарија на фудбалскиот натпревар меѓу РС Македонија и Бугарија во Скопје

Претставници на 10 граѓански здруженија на граѓани на РС Македонија, со бугарска национална самосвест, испратија писмо