|

Откриена причината за експлозијата во Париз

Две лица се водат како исчезнати, додека најмалку 30 лица, од кои четворица потешко, се повредени вчера во експлозија на улицата Сен Жак во прометниот кварт Латински во центарот на Париз, соопшти полицијата, додавајќи дека експлозијата се чини дека била предизвикана од истекување гас.

По експлозијата се урнала фасадата на зградата во која се наоѓа дизајнерското училиште на Американската академија во Париз, а пожарот зафатил и неколку околни згради.

Ројтерс јавува дека спасувачите трагаат по две лица за кои се стравува дека се затрупани под урнатините.

Очевидци опишале заглушувачка експлозија, проследена со џиновска огнена топка која се издигнала над покривите на зградите на улицата Сен Жак, недалеку од катедралата Нотр Дам и паркот Луксембург.

Припадниците на француската армија помогнале да се воспостави безбедносен обрач околу местото на несреќата, а повеќе од 200 пожарникари учествуваа во спасувачката операција.

Обвинителството во Париз соопшти дека се уште не се знае со сигурност што ја предизвикало експлозијата, но првиот заменик-градоначалник на 5-тиот арондисман на Париз, Едуар Сивел на Твитер објави дека најверојатно се работи за експлозија на гас.

Очевидци потврдиле и за француската телевизија BFM TV дека неколку моменти пред експлозијата се почувствувал силен мирис на гас.



Слични Објави