П. КОЛЕВ: ШТО ЌЕ НИ Е ЦРНО-БЕЛАТА ЗГРАДА АКО НЕ ГИ ПРЕНЕСУВА ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ?!
Прво би сакал да ја изразам мојата огромна радост од спортскиот подвиг што го направија ракометарите на Вардар и да им честитам за големата победа врз европскиот гранд Барселона и пласманот во финалето на Лигата на шампионите во ракомет.
Ви благодарам што нè направивте среќни и горди со вашиот успех. Ќе ве бодриме и оваа вечер со желба да се најдете на европскиот ракометен трон.
За жал, вашиот успех нема да биде пренесуван на МТВ или на некоја друга македонска телевизија. Ако за останатите приватни телевизиски куќи можам да најдам оправдување во скапите телевизиски права за ова натпреварување, истото не можам да го направам за државната телевизија. Наш претставник игра финале во најелитен клупски турнир, а МТВ нема пари (желба) да го пренесе тоа на граѓаните и на навивачите, кои ете вечерва ќе мораат да бараат линкови со live stream од финалето за да го гледаат. Според мене тоа е голема грешка и срам за менаџерскиот тим на оваа телевизиска куќа (за којашто ете веќе не плаќаме радиодифузна такса), и покрај тоа што скапо не чини, финансирајки ја преку буџетот кој се полни од нашите даноци и други давачки.
Во врска со сето тоа би сакал да поставам две прашања:
Ако МТВ не ги пренесува овие спортски настани и слични случувања, зошто ни е воопшто? Само за да „штелува“ вести испорачани од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ и да се грижи за материјалната сигурност т.е. вработувањата на нивните партиски јуришници ?!
По информациите со кои располагаме од превработеност и пренатрупаност од кадри, на прекрасната висока зграда на МТВ ќе и попуштат столбовите.
За вакви и слични гафови некој треба да сноси одговорност, објави на својата официјална facebook страна претседателот на Граѓанско Демократска Унија Петар Колев.
