Партиски молк: кој всушност беше за ЕУ?
Facebook статус на Никица Корубин
Партискиот молк кој “заглушувачки” владее во време на одржувањето на ЕУ самитот е погласен показател за вистинскиот ангажман околу ЕУ интеграциите од било што друго. Кога нашите партии имаат став за сите настани, реални или конструирани, на дневна основа; а немаат став за најважниот за егзистенцијата на системот, како функционална европска држава ЕУ интеграциите, тоа говори за нивната суштинска незаинтересираност и невешто глумење на истата.
И ако “лидерот на опозицијата” активно се вклучи и се “вмеша” во изборите во Србија, погодувате на која страна, под омилениот параван за опструкција “Македонците во соседството”; поинтересно е каде е позицијата, што би рекле “власта” да се фокусира на главната порака: кој ја кочи и загрозува иднината на Северна Македонија?
А, материјал колку сакаш. Најсвеж, во предлог заклучоците кои вчера ги усвои Советот за општи работи на ЕУ, како подготовка за главната средба на Советот на ЕУ, каде и се носат сите одлуки. И во делот за проширувањето, каде има заклучоци за секоја земја кандидат посебно, најјасно и недвосмислено стоиме само ние: “Советот е спремен да ја свика следната меѓувладина конференција, без било какви понатамошни одложувања или дополнителна политичка одлука, кога Северна Македонија ќе ги имплементира заложбите и ќе ги комплетира уставните измени … Советот е спремен за отварање на првиот преговарачкиот кластер што е можно побрзо во согласност со преговарачката рамка”.
Појасно здравје. Без било каква блокада. Нема вето од Бугарија. Нема пречка од никого, само од нас самите. Самоблокирани. Или што би рекла власта “ВМРО-ДПМНЕ ја блокира европската иднина”. Ама, таков наслов нема никаде, нема соопштение, нема прес конференција, нема фејсбук статус. Нема ништо. Ја нема “пропагандата”, барем да поентира, па нели е “европски блок”? Кога, ако не сега?
И што е особено интересно, за вљубениците во Отворен Балкан, најдобро стоиме и тука. Србија е блокирана за понатамошни преговори, од многу причини, меѓу кои одбивањето да гу нормализира односите со Косово, владеење на правото, неусогласеност со ЕУ во однос на Русија; а Албанија има реална опасност од ставање на вето од страна на Грција. Црна Гора исто така е блокирана за понатамошните поглавја, додека не се врати на темелните вредности. Значи, дупла поента, локална, регионална, каква сакате. Ама, не. Молк.
Слично поведение, како и пред година и половина, после усвојувањето на преговарачката рамка, кога наместо силен ЕУ наратив, не’ почестија со силен “антибугарски” наратив; така и сега, наместо логична, политичка, партиска, партократска, каква сакате поента, имаме практично и преќутно, декларативно легитимирање на главниот наратив, кој ионака непречено се шири за “одбраната на идентитетот” со работен наслов “не по бугарски диктат”. А, “декларативноста” како modus operandi, искуствено многу лесно преминува во практичност. Ако, веќе одамна не е премината.
Значи, ако нема јасна констатација, потврда и благодарност до ЕУ, за јасниот став од нивна страна, дека неизгласувањето на уставните измени не’ кочат, кој тогаш не’ кочи? Ако не е ЕУ, ако не се пратениците, ако не е ВМРО-ДПМНЕ, тогаш кој е? Мистерија? Тешко дека има било каква мистерија, во вакво површно и неодговорно поведение, сумирано и адресирано јасно во предлог заклучоците на ЕУ за нас: “Советот ги охрабрува сите партии во Парламентот на напредување, во реформите поврзани со ЕУ и пристапниот процес со ЕУ”.
Но, нивниот ангажман со се’ освен со ова, дава прилично јасна порака до нас граѓаните. Кој е за ЕУ, кој глуми дека е за ЕУ, а кој не е за ЕУ. И тука се мери “државотворноста и патритизмот”. Мислат дека има време за лага, и дека има време за вистина. Но, забораваат дека има време кога веќе ниту една лага, не може да се “продаде” како вистина. Ниту со зборови, а уште помалку со дела. Уште да откриеме што се’ се крие под терминот “партиите”, за да дојдеме до одговорот кој ги кочи ЕУ интеграциите, државата и граѓаните. И сите ги доведува во сериозна опасност. Опасност која не секогаш може да се контролира, кога веќе не се превенира. А, за секој од нас се работи, сакале или сваќале, вие тоа или не.
