Пеколна комбинација
Став на Никица Корубин
Колку време ќе помине, откога протестите на МПЦ-ОА од протести за “заштита на традиционалните вредности” ќе се претворат во протести за “заштита на идентитетот” со анекс “заштита од западните (читај ЕУ) вредности”? Еден ден после протестот, еден час после протестот или на самиот протест? Или пак можеби протестот е поради тоа, односно за обединување на сите “независни” струи, да не речам структури, кои “жестоко и искрено” се борат за “идентитетот”, широко разбран? Тоа ќе биде интересно друштво. Појавно во првите редови, и скриено од позадината.
Но, она што е уште поинтересно е кој е се’ во тоа друштво. Очекувани домаќини, непожелни домаќини и неочекувани гости. И ако ретко кој примети и пренесе, дека на пример, “владеачката партија” издаде вакво соопштение: “Извршниот одбор одлучи дека во ваква форма Законот за матична евиденција не треба да биде донесен и треба да продолжи процесот и вклучување на сите засегнати страни со цел изнаоѓање општо прифатливо решение”; закон кој патем речено е предложен од пратеници на истата партија и нејасно е како тие во “партократската хиерархија” ќе постапат, или ќе се повикаат на сопствената уставна независност; дали би можеле да ги сместиме во “неочекуваните” и невидливи гости, барем некои од нив?
Дали всушност ова е своевидно “повладување”, да не речам додворување кон МПЦ-ОА, од страна на една политичка партија (бидејќи антипод партијата од “лидерската средба” е секако, неизненадувачки веќе втемелена), во секуларна држава, која случајно е и дел од власта? За иронијата на идеологијата излишно е и да се зборува.
Но, уште поинтересни се непожелните домаќини. Бидејќи за нашата “јавност”, а и за нашите “граѓански активисти”, црковните прашања беа до сега неинтересни за толкување, и сите унисоно ги премолчеа и премолчуваат случувањата во и околу МПЦ-ОА околу конечниот статус на автокефалност со доделување на томосот од страна на Вселенската Патријаршија и клучното политичко значење на истото, и сите активности околу дезавуирање или дури и анулирање на истиот, со “свето” присуство на секакви “братски” цркви од држави кои се под санкции, како и со експлицитната демонстрација на “мајчинството” во Света Софија во Охрид; кои патем речено се директно насочени кон функционалноста и опстанокот на демократијата и независноста на Северна Македонија. Затоа што, за да се залагаме за било што, треба белким прво да имаме држава, како инаку ги замислуваме правата, пред очигледното рушење на основата?
Но, да се вратиме на непожелните домаќини, кои нема да “смеат и можат” да го одбијат повикот на синодот за одбрана на “традиционалните вредности”, кои како “внатрешни”, ама непослушни и непокорни, ризикуваат да бидат, метафорички кажано “анатемисани”? Дали тие се еден од “таргетите”, со еден “свет удар”, ем “пресметка со своите”, ем “пресметка со непријателите”? А, тоа “непријателите” ќе биде експресно “проширено и надградено”, во јасен, пред се’ антиалбански, но и антибугарски дух (партиски, експертски, медиумски, академски и секаков друг) на самиот протест или post festum, сеедно важно да се “загрее” сцената и да се постават кулисите за очекуваните уставни промени. И притоа овој пат “лидерот” ќе биде некој со авторитет, кој нема да може да се преиспитува, затоа што нели “за нашата вера, идентитет и живот се работи”.
Оваа пеколна комбинација на лажни и измамени верници, која ќе биде придружена со лажни и измамени патриоти, на која ќе мора да се приклучат и вистинските, но пред се скриените, со суптилна и отворена поддршка, треба да ги обедини, демек невидливо, сите кои секако “се расеани” буквално во секоја пора на општеството. Тогаш прашањето е зошто сега и зошто вака? Се’ чини дека дојдоа до Рубиконот. Неизвесно е од другата страна. Тоа веќе не е нивниот свет, иако ги користат сите привилегии на истиот. Но, тоа е нашиот свет, иако на секој начин не’ држат подалеку од него. И само во тој свет, всушност ќе биде се’ зачувано за кое што глумат и ги лажат другите дека се борат.
И затоа следниот пат, не е лошо да се посвети поголемо внимание кога државата влегува во “свет брак” со црквата, во псевдо византиски стил и автократски шмек, кога се подарува државен имот на Плаошник или се слави хегемонијата во Света Софија, со сите попатни привилегии и привелегиран статус; затоа што тоа е истата држава која треба да обезбеди еднакви права за сите, заедно со обврските. Затоа што видливиот таргет, секогаш го крие вистинскиот. А, овој пат тој е најголемиот. Иднината на државата, во форма во која прво треба да постои, за да можеме воопшто да дискутираме. Пеколно е нели? До времето е …