ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПРИМИ АКРЕДИТИВНИТЕ ПИСМА НА НОВИОТ АМБАСАДОР НА АВСТРИЈА ВО ЗЕМЈАВА

//

Како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, на церемонијата на предавање акредитиви, претседателот Пендаровски истакнал дека Северна Македонија и Австрија годинава прославуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи, период во кој континуирано градат пријателски и партнерски односи во повеќе сфери од заеднички интерес. Пендаровски нагласил дека билатералните односи успешно се развиваат, за што говорат и бројните инвестиции на Австрија во нашата земја.

– Република Австрија е еден од најважните економски и трговски партнери на Република Северна Македонија, како и прв странски инвеститор во нашата земја со вкупни инвестиции од над 550 милиони евра. Токму присуството на бројните австриски компании на пазарот на Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација, дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи, изјавил Пендаровски.

Заблагодарувајќи се за континуираната поддршка од Австрија во процесот на нашето пристапување кон Европската унија, претседателот Пендаровски изразил надеж дека во периодот што следи, ќе бидеме сведоци на ново поглавје во односите на земјава со Европската Унија преку скорешно отпочнување на преговорите за наше полноправно членство.

– Тоа би било праведно и заслужено признание за досегашната улога на Северна Македонија, како во креирањето на добрососедската политика во Југоисточна Европа, така и во европските интегративни процеси во кои несебично даваме и ќе продолжиме да даваме свој придонес за надградбата на нашиот заеднички дом, Европа“, додал Претседателот.



Амбасадорот Вуцас, како што се наведува во соопштението, истакнaл дека е почестен што е назначен за амбасадор во нашата земја и изразил уверување дека ќе го даде својот придонес кон континуираното развивање и продлабочување на билатералните односи меѓу двете држави. Посочувајќи дека Австрија е вистински пријател и ревносен поддржувач на членството на Северна Македонија во Европската унија, Вуцас изразил надеж дека во октомври Советот на министри за надворешни работи на ЕУ конечно ќе ја следи препораката на Европската комисија за отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија, како и со соседот Албанија.

– Австрискиот амбасадор ја поздрави определбата и визијата на нашата Влада во изминатите години за воспоставување на добрососедски односи на исток и на југ, како и позитивниот развој на економијата преку цврстите напори за создавање на охрабрувачка деловна клима во Република Северна Македонија и изрази поддршка од Австрија за продолжување на овој ветувачки пат на реформите, се нагласува во соопштението, при што се додава дека претседателот Пендаровски на новоименуваниот амбасадор му посакал успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

Претходна статија

РАХИЌ: ЈАНЕВА НЕ Е СМЕСТЕНА ВО ХАШКОТО ОДДЕЛЕНИЕ, ТАМУ Е ЈОВАНОВСКИ

Следна статија

КАЗНИ ЗА 28 ПЕШАЦИ ВО ТЕТОВО

Најново од Вести