Пендаровски: Мораме да се застапуваме за поголемо политичко учество на жените
Секоја жена има право на слободен избор за своето тело, семејство, образование, занимање, работа, кариера, развој, политичко дејствување и учество во јавниот живот, порача претседателот Стево Пендаровски во честитка по повод 8ми Март.
Претстедателот вели дека ниту едно општество не може да се развие доколку половина од населението е исклучено од тој развој.
„Мораме да се застапуваме за поголемо политичко учество на жените, поголем број на жени на раководни позиции, да носиме политики во кои ќе ги планираме потребите на жените, буџети кои ќе ја имаат родовата димензија. Да создаваме општествен амбиент што ќе овозможи повеќе жени да бидат вклучени, а не исклучени“, вели Пендаровски.
Доколку сакаме да изградиме модерно, отворено и демократско општество, додава тој, потребно е да направиме повеќе за еднаквите можности на жените и мажите, а нерамноправноста, дискриминацијата и шовинизмот да ги оставиме во минатото. Жртвите на родово-базирано насилство мора да добијат правда. Треба гласно и одлучно, и стратешки и тактички, да се бориме против родово-базираното насилство, за кое мора секогаш да има праведна разрешница.
„Време е да создадеме општество во кое жените нема да треба постојано да вложуваат натчовечки напори за да го реализираат својот потенцијал. Борбата за еднаквост не смее да запре. Честит 8 Март!“, се додава во честитката.