Пендиков по пресудата во Охрид: „Нема да молчам! Нема да се откажам од барањето правда!
Христијан Пендиков, секретар на веќе избришаното здружение „Цар Борис III“ од Охрид, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук реагираше на судската одлука во постапката поврзана со физичкиот напад врз него.
Пендиков го определи како „срамна“ одлуката, со која двајцата обвинети за нападот врз него биле ослободени од кривична и друга одговорност.
„Денес судот во Охрид донесе срамна одлука за мојот случај. За помалку од два часа, двајцата кои брутално ме претепаа беа ослободени од кривична и секаква друга одговорност“, напиша Пендиков.
Тој во својата реакција го поврзува исходот од судската постапка со односот кон лицата со бугарска национална самосвест во Северна Македонија.
„Денешниот ден повторно покажува дека насилството врз Бугарите во Северна Македонија останува неказнето“, наведува Пендиков.
Во објавата тој упати и остри критики кон правосудниот систем во земјава, оценувајќи дека ваквите одлуки придонесуваат за недовербата на граѓаните во судството и го попречуваат европскиот пат на државата.
„Ова е срамен чин за држава која тврди дека е правна. Одлука која јасно покажува зошто тука никој нема доверба во судскиот систем. Неправда која објаснува зошто оваа држава останува и ќе остане толку далеку од Европската Унија“, напиша тој.
Пендиков порача дека нема да се откаже од тоа да ја бара правдата за неговиот случај.
„Нема да молчам! Нема да се откажам од барањето правда! И нема да дозволам она што ми се случи да биде заборавено“, истакна тој.
На крајот од објавата, Пендиков порача дека националната припадност и јавното изразување на сопствениот идентитет не треба да бидат причина за дискриминација или насилство.
„Да се биде Бугарин не е злосторство! Да го браниш својот идентитет не е злосторство! А правото на правда треба да му припаѓа на секој човек, без оглед на неговата националност“, напиша Пендиков на Фејсбук.
