Ѓорѓиевски: „Христијане, не си сам! Нема да молчиме, нема да се откажеме и нема да дозволиме нашата бугарска самосвест да биде скршена преку страв“
Љупчо Ѓорѓиевски, претседател на избришаниот од Централниот регистар КЦ „Иван Михајлов“ од Битола, реагираше по ослободителната пресуда за обвинетите Илија Спасески и Борче Ангелов во случајот со физичкиот напад врз Христијан Пендиков.
Ѓорѓиевски во објава на социјалната мрежа Facebook оцени дека пресудата претставува „нов удар врз довербата во правосудниот систем“.
„Срам и позор за правосудството во Северна Македонија! Ослободителната пресуда за обвинетите за жестокиот напад врз Христијан Пендиков е уште еден тежок удар врз довербата во правдата“, напиша Ѓорѓиевски.
Според него, ваквата одлука испраќа загрижувачка порака до лицата во земјава кои се изјаснуваат како Бугари.
„Оваа одлука испраќа загрижувачка порака до македонските Бугари – дека дури и кога ќе станат жртви на насилство, правдата може да остане недостижна“, наведува тој во објавата.
Ѓорѓиевски му изрази поддршка на Пендиков и порача дека, како што вели, нема да се молчи за случајот.
„Христијане, не си сам! Нема да молчиме, нема да се откажеме и нема да дозволиме нашата бугарска самосвест да биде скршена преку страв“, напиша Ѓорѓиевски.
На крајот од објавата тој порача: „Да се биде Бугарин не е престап“.
