|

Игралиште од соништата – 27.02.2022 во 11:55ч. – настан за подигнување на свеста за лицата со ретки болести

Игралиште од соништата – живот од соништата за секое дете – настан за подигнување на свеста за лицата со ретки болести, настан кој се одржува за прв пат, а е во организација на ЗЛРБП „МОЈОТ РЕДОК СВЕТ“Настанот ќе се одржи на 27.02.2022 година (Недела) на Могилата на Непобедените, во Прилеп и почнува во 11:55 ч., како симболика дека е крајно време – пет до дванаесет, да се крени општата свест и да им се помогне на лицата со ретки болести. Се разбира, за дружба и заедничко играње се поканети СИТЕ деца, без исклучоци и без било каква дискриминација. Дозволено е децата да си ги носат и своите родители 

За настанот

Настанот ќе се одржи на отворено, а „влезот“ се разбира дека е бесплатен. Централното случување ќе биде во амфитеатарот, во паркот на Могилата на Непобедените

Настанот го организира ЗЛРБП „МОЈОТ РЕДОК СВЕТ“, а кон организацијата, со своја поддршка постојано се вклучуваат сè повеќе фирми, учители, тутори, актери, јавни личности, но и физички лица. Здружението е отворено за соработка со секој кој е спремен да подаде рака или да придонесе со своја идеја.

ЗЛРБП „МОЈОТ РЕДОК СВЕТ“ е здружение кои ги застапува интересите на лицата со ретки болести и попречености на секое поле. Примарно, делува на територијата на Општина Прилеп. Можете да ги следите преку нивната ФБ страна или да ги контактирате преку електронска пошта на [email protected] или телефонски на 070 593 353

Програма и планирани случувања на настанот

Здруженитето е отворено за соработка и континуирано збогатување на програмата на настанот. До моментот на пишување на оваа информација, како дел од програмата познат на нашата редакција, најавени се следните точки:

  • Настап на ѕвездите од најпопуларниот детски и тинејџерски музички фестивал „Весели Ѕвончиња“
  • Настап со танцови на децата од „Зумба – Ана“
  • Атеље Артика – добротворна продажна изложба на уметнички цртежи (по симболични цени) изработени од деца, членови на училиштето за ликовна уметност „Атеље Артика“. Собраните средства ќе бидат наменети за помош на деца со ретки болести
  • Ученици од основно образование ќе изработат мартинки кои ќе бидат понудени по симболични цени, а средствата ќе се насочат во фондот за помош на деца со ретки болести
  • Ќе бидат прикажани кратки драмски приредби од забавен карактер, во изведба на ученици од основно образование, а наменети да ја подигнат свеста за децата со ретки болести и нивното прифаќање во општеството
  • Едукативен центар BRIGHT KIDS – Прилеп – детски работилници за заедничко учење и дружба на децата

Дополнително се планира мал коктел за кој здруженито ги повикува угостителите од Прилеп да се приклучат кон организацијата на овој настан од културно забавен карактер за најмладите.

Воедно, повикани се сите правни и физички лица да го контактираат здружението доколку имаат некоја идеја за активности или едноставно сакаат да помогнат или на друг начин да придонесат кон побогата програма или активности или на друг начин сакаат да помогнат или придонесат кон настанот.

Поддршка за настанот

STANICA.MK се појавува како ексклузивен медиумски покровител на настанот. Дополнително, BIT KRAFT преку хумористично-забавниот портал NEOZBILNO.MK ќе помогне околу презентацијата и известувањето за овој настан, кој се надеваме ќе прерасне во традиција и ќе се одржува секоја година.

Во продолжение, го пренесуваме обраќањето за јавноста на здружението МОЈОТ РЕДОК СВЕТ:

28 Февруари 2022 – Меѓународниот ден на лицата со ретки болести е на самиот праг! Оваа година ЗЛРБП “Мојот Редок Свет” организира настан посветен токму на лицата со ретки болести и попречености – повикувајќи на филм-епизоди одиграни од деца кои ќе сакаат да се вклучат а преку драматизација ќе ги истакнат уникатните предизвици со кои се соочуваат пациентите со ретки болести од една страна, со акцент на децата со попречености, а во исто време ќе биде прикажано како останатите деца да го прифатат своето посебно другарче! Идејата е едноставна – да се најде нов начин за подигнување на свеста за оваа тема. Важноста на заедницата често се занемарува во очите на јавноста. Има ли подобар начин да го направиме тоа отколку да дозволиме сликите да раскажуваат – од перцепција однадвор, од внатре приказни, од различни стилови. Секое дело ќе биде уникатно на свој начин. Идејата деца да бидат актери и да нѝ пренесат позитивни и негативни ситуации во кои се нашле нивните другарчиња со ретка болест, посебност или попреченост посебно ќе нѝ даде неверојатен поглед во реткиот свет на овие дечиња! Вешти, трогателни, покажувајќи ја негативната но и посветлата страна, ќе имаме записи и увид и инспиративни животни случки кои ќе ги приближат децата со ретки болести и попречености со нивните другарчиња од соседството, од градинка, од училиште. Овој 27 Фебруар 2022 ќе ги видиме импресивните драматуршки дела на деца наменети за нивните посебни другарчиња!” #Могилата#на#непобедените” во Прилеп ве очекува! #Запомнете! 5 до 12.00, Недела, на 27 Февруари #бидете#таму! Ќе гледаме што децата подготвиле за своите посебни другарчиња, ќе играме, ќе се цртаме за ретките! Подолу се бои на ретките! Обојте го вашиот дом во овие бои во знак на подршка на лицата со ретки болести и посебности! Многу сакам да се заблагодарам на сите наставници кои излегоа во пресрет за остварување на оовој проект! Денот на ретките болести 2022 ќе биде достојно одбележан и оваа година во Прилеп, а континуирано ќе следат настани во текот на целата година. Огромна благодарност на сите оние кои ќе нѝ се придружат во подигањето на свеста за ретките болести.ЗЛРБП МОЈОТ РЕДОК СВЕТ

Да помогнеме сите заедно

Ве очекуваме на Могилата на Непобедените на 27.02.2022 во ПЕТ-ДО-ДВАНАЕСЕТ на дружба и забава, преку која сите заедно ќе го одбележиме денот на лицата со ретки болести, преку која ќе им овозможиме дружба на нашите деца и ќе им покажеме со личен пример дека иако различни, всушност сите сме исти!

Не заборавајте да ја споделите оваа објава на вашиот ФБ или Твитер профил (или било која друга друштвена мрежа)! Секако, одбележете ја во својата букмарк листа (Ctrl-D и притиснете Enter на тастатурата на компјутер или лаптоп / на паметен телефон или таблет завлечете надолу, допрете ги 3-те точки во горниот десен агол и допрете ја ѕвездичката во најгорниот ред од менито, или изберете Add to Home screen за да поставите кратенка до оваа статија на работната површина). Вака лесно ќе можете да се навратите на оваа објава и да ги видите измените/новостите или едноставно да се потсетите на било која информација во врска со настанот.

Слични Објави