| |

ПЕТАР КОЛЕВ: НАШИОТ ИЛИНДЕН Е БОРБАТА ЗА ПОДОБРА МАКЕДОНИЈА ЗА НАШИТЕ ДЕЦА

„Следниот месец Македонија ќе слави 28 години од својата независност, а нашата апатија е сè уште тука. Поделени на „наши“ и „ваши“, заборавивме акцентот да го ставиме на нешто поголемо и далеку поважно од тоа како „нашите“ да дојдат на власт.

Илинден треба да нè потсети дека борбата е процес кој не запира во ниту еден момент. Не би сакал ова мое обраќање да изгледа помпезно, напротив, сакам да знаете дека никој не е поголем од крајната цел нашата земја да стане модерна држава во која владее правото, земја која има висок економски стандард и не е место од кое што бараш начин да се евакуираш.

Денеска, 116 години после Илинден, некои мои колеги политичари, ќе ве замајуваат со патриотски приказни за фаланги, комити, партизани и сл. други пак ќе ви велат дека „само што не сме процветале“, ама вистината е сосема друга. Со секој нареден Илинден, во училиштата на нашата земја има се помалку деца. Во нашите болници има се помалку доктори. Во устите на нашите мајки и татковци има се помалку заби.

Можам да редам уште, но каква е смислата. Бев дете на 5 години кога Македонија го прослави својот прв Илинден, како независна земја, од тогаш до сега вие сте тие кои најдобро знаете како се живее во Македонија и дали сакате вашите деца и внуци да живеат во таква Македонија.
Затоа без многу протоколарности сакам да ви кажам: Ако можеа Илинденци да кренат рака против една цела империја, можеме и ние да се избориме за нашата Македонија, таква, каква што сакаме да ни биде. Треба само да поверуваме во таа борба вистински и да прекинеме да се делиме на „наши и ваши“, бидејќи додека се делиме најлесно ќе можат да нè манипулираат. Тоа е вистината.

Секоја генерација има свој Илинден. Ние нашата генерација сме тие кои можеме да ја донесеме промената, без пушки и пиштоли, но со упорност и храброст. Јас верувам во вас драги мои пријатели, поверувајте и вие. Ако упееме да го промениме системот и да им оставиме една подобра земја на нашите деца, значи сме го достигнале нашиот идеал, нашиот вистински Илинден.

Честит Илинден, слава на хероите“, стои во честитката по повод државниот празник Илинден на претседателот на Граѓанско Демократска Унија- ГДУ, Петар Колев.



Слични Објави