Полската влада донесе одлука да го укине данокот на доход на околу 2 милиони млади Полјаци кои моментно се вработени во земјата. Новиот закон стапи во сила вчера, со цел да ги натера младите Полјаци да останат во матичната земја, наместо да бараат работа на Запад, јавуваат полските медиуми.
Скоро 1,5 милиони луѓе ја напуштиле Полска во последните 15 години во потрага по подобра работа во Западна Европа. Голем дел од иселениците се млади луѓе кои ја искористија слободата на движење во ЕУ по пристапувањето на земјата во Унијата во 2004 година.
Новиот закон предвидува дека секој Полјак помлад од 26 години кој заработува помалку од 85.500 злоти годишно, да не плаќа данок на добивка. Прагот е доста голем, бидејќи просечната плата во Полска е околу 60 илјади злоти годишно.