Петар Поп Арсов: Руските козули со камшик во рака ги тераа бугарските селани да станат Срби!
На 1-ви јануари 1941 г. во Софија умира ПЕТАР ПОП АРСОВ – еден од основоположниците на ВМОРО, долгогодишен член на ЦК, задграничен претставник на организацијата и автор на нејзиниот прв устав. Роден е на 14-ти август 1868 г. во велешкото село Богомила. По школувањето во Велес и Солун, каде бил меѓу исклучените ученици од Бугарската гимназија, се префрлил во Белград, но оттаму, како и Даме Груев, се вратил назад и студирал на Софискиот универзитет, каде што дипломирал филологија. Учествувал во уредувањето на Младата македонска книжевна дружина. Во 1893 г., како професор во Бугарска машка гимназија во Солун, учествувал во создавањето на ВМОРО и станал член на нејзиниот прв ЦК. Тој бил задолжен да го состави и првиот устав на Организацијата, изработен според образец на уставот на БРЦК. Учителствува во Скопје, Солун, Прилеп, Штип, а во Велес бил егзархиски чиновник. За време на Виничката афера, П. Попарсов бил уапсен, осуден на доживотен затвор и одведен на заточение во Подрум-Кале, Мала Азија. Амнестиран е 1902 г. и продолжува да се занимава со револуционерна дејност. По Солунските атентати во април 1903 г. е уапсен во Велес и одведен во Куршумли ан во Скопје. Бил еден од тројцата задгранични претставници избрани на Рилскиот конгрес на ВМОРО, во 1905 г. По расцепот во организацијата во 1907 г. и припаѓа на т.н. левица. За време на Хуриетот живеел и работел во Скопје, како директор на Бугарското педагошко училиште. Активно учествувал во подготовката и проведувањето на изборите за Отомански парламент со листата на Народната федеративна партија – Бугарска секција. По избувнувањето на Балканската војна во 1912 г. и окупацијата на Вардарска и Егејска Македонија П. Попарсов учествува на средбата на македонски дејци во Велес. По Првата светска војна тој живеел во Бугарија и работи како гимназиски професор и директор во Костенец, а публикувал и повеќе прилози. Од 1930 г. живее во Софија каде и умира.
“Страшните конфликти, кои произлегоа од вештата игра на австриската дипломатија, се изразија главно во Македонија, каде што се дојде дотаму, така што руските козули со камшик во рака ги тераа Бугарските селани да станат Срби! Бугарите во Македонија беа третирани како судански Црнци, кои по волјата на рускиот цар, требаше да се подарат на Србија за казна на непослушна Бугарија, која станала опасна како авангарда на Австрија за руските интереси кон Цариград.
По тој начин руската дипломатија сосема недвосмислено и безповратно го рушеше она, кое беше создадено во Сан Стефано – обединувањето на Бугарското племе. Од чисто бугарско македонското прашање се обрна на меѓубалканско: врз Македонија ги засилија своите претензии не само Срби, кои немаат никаков сонародник таму, но и Грци, и Румунци.
Бруталната политика на посрбување, која одрекуваше секакво човечко достоинство кај македонските Бугари и жестоко го повредуваше нивното национално чувство, под јавно покровителство од представниците на рускиот цар и активно подпомагано од владата на турскиот султан, кое што вештачки создаваше афери и ги пикаше Бугарите по затвори и заточенија, им одземаше цркви и училишта, создаде во душата на тој милионски Бугарски народ една трагедија, која станваше уше пострашна со предвид на тоа, дека посрбувањето означуваше не само денационализирање, ами и враќање на македонските Бугари под грчката Патриаршија, против која воделе долгогодишна крвава борба и едвај се беа одкинале од нејзините вампирски нокти.“
ПОТЕКЛО НА РЕВОЛУЦИОНЕРНОТО ДВИЖЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА, 1919 г.

