| |

Петар Стојанов: Бугарското кино бележи сериозни успеси

Бугарското кино во последната деценија бележи сериозни успеси, со што се побиваат тврдењата дека бугарската култура не се развива, изјави во Свети Влас Петар Стојанов, претседател на Бугарија во периодот од 1997 до 2002 година, јавува БТА.

Пред официјалното затворање на летниот кинофестивал „Свети Влас филм фест“, Стојанов го истакна значењето на културните настани надвор од Софија и повика тие да добијат поголема поддршка.

„Бугарскиот културен живот премногу се централизира во Софија и според мене секој ваков настан надвор од Софија треба да биде поддржан“, рече Стојанов.

Говорејќи за развојот на бугарското кино, Стојанов посочи дека тоа отсекогаш било важен дел од националната култура.

„Многу се радувам што во последните десет години бугарското кино има успеси, и тоа сериозни успеси. Тоа категорично ја побива многупати повторуваната невистина дека во овие тешки години бугарската култура не се развива“, изјави тој.

Според Стојанов, не само киното, туку и литературата и културата во целина успешно се развиваат, бидејќи творците работат во услови на слобода.

Слични Објави