(По)грешниот датум, кој го гаси идентитетот?
Facebook статус на Никица Корубин
Уште една година, огновите ќе се запалат на погрешниот датум. Убав, симболичен ден кога најчисто се гледа инжињерингот на “одбраната на идентитетот” и апсурдот на “бранителите”. И никој ниту денес нема да ги постави вистинските прашања, скриени на безбедно во закрилата на “религиозноста” и власта, онаа сакралната или световната, сеедно, во чист средновековен манир, почнувајќи со: како за МПЦ-ОА се неприфатливи “паганските” огнови, а е прифатливо “паганското” знаме од Вергина?
Но, ако ова не е доволно апсурдно и контрадикторно, има уште прашања, за секој што ќе се препознае, од која и власт да доаѓа: што се случува со автокефалниот статус на МПЦ-ОА, и томосот од Вселенската Патријаршија? И дали статусот е “автокефален” или “автономен” во и со СПЦ, исто во симбиоза? А, со одговорот што ќе се одбере, ќе зависи и одговорот на следното прашање: што се случува со статусот на културното наследство чиј имател е токму МПЦ-ОА, законски, но и суштински? “Наше” ли е или “нивно”?
Дека икони се крадат, па се пронаоѓаат во соседни држави знаеме, исто како што знаеме дека тие добиваат статус на културно наследство при процесот на реституција, а не претходно. Но, она што не знаеме е како оваа сеопшта негрижа, државно-црковна се превенира и/или санкционира? За заштита и управување, излишно е и да се праша, во услови кога конаците (луксузно надградени и проширени) се побитни од црквите (испразнети и загрозени). На сметка на државата, се разбира. Прилично “пагански” за некој што се декларира за анти-паганин и “грижлив” чувар на културното наследство, селективно избрани. Кој и да се препознае.
И кога ништо од ова нема одговор, да се вратиме на историјата и таму да ги бараме прашањата. Со таа разлика, што историјата денес се истражува од позиција на граѓанска и демократска држава, со загарантирана секуларност; а не од посакуваната, проектираната и применета позиција на “врховен” владетел и “морален” патрон. Бидејќи верата, односно верувањето и религиозноста, се само едно од загарантираните права, а не “власт над властите”.
“Со санкционирање на воспоставувањето на самостојна српска црква, чии три диецези дотогаш припаѓале на автокефалниот архиепископат охридски, никејските власти непосредно ги повредиле прерогативите на Охрид, па неговиот архиепископ Димитрија Хоматијан …”. Значи тешкото прашање за статусот на МПЦ-ОА, историски е всушност многу лесно, а особено е “лесна за голтање” приказната за “црква ќерка” и “црква мајка”, само што улогите некако мистериозно (и насилно) се смениле изминатиов век. Но, она што е тешко, што тоа доаѓа од правен и религиозен субјект, кој функционира во нашата, а не некоја друга држава; и сепак со своето поведение, не само што ја суспендира историјата, туку ја загрозува и сегашноста, како логичен континуитет, а не насилен упад.
Исто како што е лесен и одговорот за томосот од Вселенската Патријаршија, и автокефалноста која следи. Се чини дека самоблокадата е интересна забава деновиве, подеднакво за византиското двовластие: сакрална и световна власт, кон која тежнеат сите лажни демократи, и изворни автократи.
И веројатно лесен ќе биде одговорот на уште едно прашање за крај, тогаш кога конечно ќе апсолвираме кој (кои) се тие кои не сака(ат) да бидеме нормална европска држава : зошто МПЦ-ОА се’ уште го нема усогласено календарот и се води по Јулијанскиот, а не по Грегоријанскиот календар? Зошто се нема усогласено со своите “православни браќа”, Грци и Бугари? Зарем христијански е некој “брат” да е “поголем брат” од другиот? Или “братството” е по друга линија, политичка и хегемонистичка?
И кога конечно ќе се усогласи календарот, тогаш и палењето на огновите ќе биде на вистинскиот датум, на првиот ден, на “растот на денот”, после зимскиот солистициум, и најкраткиот ден во годината. Затоа, што нели за сонцето се работи, тој прастар култ на врвни цивилизации на стариот свет, практикуван и кај нас; па нека биде и симболот на македонската кралска династија на Аргеадите и античките Македонци? Па, нели идентитетот беше загрозен од другите, чуму забрани од нас за нас?
Или идентитетот е само конструктот кој брутално и накарадно се злоупотребува, “се брани и забранува”, се гаси, како и секој историски факт, се узурпира и банализира. Затоа што има ли поубава алатка за власт и владеење, таа ултимативна цел. Сакрална или световна сеедно, хармонизирани во сеопштата блокада и заробеното општество. Се знае “кој пали, а кој гаси”. Па, макар тоа биле и античките огнови, на христијански ден. Монопол на се’, а највеќе на знаењето. Затоа што со знаењето следат и одговори на прашањата.
