Почеток на нова ера за бугарската воена индустрија: Започна заедничкиот проект на „Рајнметал” и ВМЗ Сопот
Бугарската влада и германскиот технолошки концерн „Рајнметал“ официјално го започнаа проектот за изградба на современ завод за барут и артилериски гранати, јавува БГНЕС.
На церемонијата во зградата на Владата, договорот го потпишаа извршниот директор на „Рајнметал“, Армин Папергер, директорот на одделот за оружје и муниција Роман Кене и извршниот директор на ВМЗ – Иван Гецов. Настанот се одржа во присуство на премиерот Росен Желјазков, министерот за економија и индустрија Петар Дилов и лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.
„Нè очекува многу работа за да создадеме огромен потенцијал со бугарска фабрика. Изградивме предвидливост со партнерите“, изјави премиерот Желјазков.
Тој додаде дека проектот има политичко, економско и стратешко значење, бидејќи не би бил можен без поддршката на ЕУ и НАТО. „Ова е инвестиција во технологија, знаење, квалификувана работна сила и регионален развој“, рече премиерот, изразувајќи благодарност до Борисов за политичката волја што го направила проектот возможен.
Армин Папергер истакна дека очекува и други европски компании да инвестираат во бугарската воена индустрија. Тој се заблагодари на Владата на Желјазков и на Борисов за успешниот почеток.
Министерот Дилов оцени дека денешниот ден е историски за Бугарија и Германија: „Ова е почеток на стратешко партнерство што ќе го промени иднината на бугарската одбранбена индустрија. Благодарен сум на директорот на ‘Рајнметал’, на колегите од ВМЗ и на премиерот Желјазков. Ова е проект од европско значење што ќе ја зајакне безбедноста на целиот регион“, нагласи тој.
Новиот иновативен завод за производство на барут, 155-милиметарски артилериски гранати и модуларни полнења ќе биде изграден преку заедничко претпријатие меѓу „Рајнметал“ и ВМЗ-Сопот.
Инвестицијата, вредна околу 1 милијарда лева, претставува една од најзначајните во последните години и има стратешко значење не само за Бугарија, туку и за цела Европа. Проектот ќе придонесе за модернизација на бугарската одбранбена индустрија и зајакнување на европските одбранбени капацитети во контекст на новата геополитичка реалност.
Очекувањата се дека ќе се создадат околу 1000 нови високо квалификувани работни места, ќе се поттикне економски раст и ќе се развијат современи производствени капацитети. Со оваа инвестиција Бугарија повторно ќе воспостави клучен елемент од својата одбранбена способност и ќе ја засили својата позиција во европската одбранбена индустрија.

