| |

Повеќе од 35 илјади државјани на РС Македонија ја посетиле Бугарија во септември, според бугарскиот завод за статистика

Република Северна Македонија се наоѓа меѓу десетте најзастапени земји со 35.7 илјади посети на нејзини граѓани во Бугарија. Тоа го покажуваат најновите податоци на Националниот статистички институт (НСИ) на Бугарија, објавени во БГНЕС.

Според извештајот, повеќе од 1 милион бугарски државјани патувале во странство, што претставува зголемување од 17.1% во споредба со истиот месец од 2024 година. Зголемување е регистрирано кај сите цели на патување – одмор, службени и други активности.

Најмногу Бугарите патувале во Турција (293.3 илјади), Грција (280.0 илјади), Србија (73.2 илјади) и Романија (68.7 илјади). Меѓу најпосетуваните дестинации е и Република Северна Македонија, која во септември била посетена од 24.6 илјади бугарски граѓани.

Најголем дел од патувањата биле со цел одмор и екскурзија (46.5%), следени од други цели (39.2%) и службени патувања (14.3%).

Во исто време, Бугарија ја посетиле повеќе од 1,3 милиони странски државјани, што е зголемување од 3.5% во однос на септември 2024 година. Од нив, 709.7 илјади биле од Европската унија (54.3%), а 479.7 илјади од други европски земји надвор од Унијата.

Меѓу најбројните посетители биле граѓаните од Романија (228.7 илјади), Турција (202.5 илјади), Украина (115.4 илјади), Германија (105.6 илјади) и Грција (97.5 илјади).

Повеќето странски посети биле со цел одмор и екскурзија (46.8%), а останатите со други цели (43.2%) и службени патувања (10%).

Слични Објави