| |

Почина бугарскиот поет, композитор и пејач Михаил Белчев

На 79-годишна возраст почина познатиот бугарски поет, композитор и пејач Михаил Белчев. Тажната вест за заминувањето на еден од најпродуктивните и најталентирани автори на текстови во бугарската поп и рок музика ја соопштија БНР и БНТ, пренесува БГНЕС.

Акад. Михаил Иванов Белчев е бугарски естраден пејач, композитор, поет и режисер. Тој е автор на повеќе од 50 песни, меѓу кои најпопуларни се: „Булевардот“, „Младоста си оди“ и „Не стареј, љубов“. Негови се и текстовите на хитови како „По десет години“, „Жалба за младост“, „И утре е ден“ и многу други. Има издадено десетици албуми, меѓу кои: „Каде сте, пријатели“, „Двојник“, „Преквалификација“, „Доцна љубов“, „Мила моја“, „Прераѓање“.

Белчев е добитник на Првата национална литературна награда „Георги Џагаров“ (2004 година), на „Златна книга“ од Европскиот форум на експертите во соработка со Академијата на меѓународно признати лидери во науката и културата (2008 година) и на Почесната награда на Министерството за култура – „Златен век“ за заслуги кон бугарската култура (2011 година). Во 2004 година Михаил Белчев е одликуван со звањето „Почесен граѓанин на Софија“.

Тој е носител и на Почесниот знак на претседателот за исклучителното значење на неговото целокупно творештво за современата музичка и литературна уметност, како и како знак на почит кон неговиот сестран талент, и за неговиот активен творечки и општествен придонес во збогатувањето и афирмацијата на бугарската култура на национално и меѓународно ниво.

Почит кон неговиот спомен!



Слични Објави