ПОЧИНА ПОЗНАТИОТ БУГАРСКИ КАРДИОХИРУРГ ПРОФ. Д-Р АЛЕКСАНДАР ЧИРКОВ
Утрово во Варна на 82-годишна возраст почина познатиот бугарски кардиохирург проф. д-р Александар Чирков, јавуваат бугарските медиуми.
Професорот синоќа не се чувствувал добро и негов пријател го нашол мртов во хотелската соба во Варна каде што живеел, објавија медиумите според кои професорот не бил болен од ковид.
Д-р Чирков ја изврши првата трансплантација на срце во Бугарија во далечната 1986 година.
Големиот кардиохирург специјализирал кај познатиот кардиохирург, професор Бихлер во Западен Берлин во 1966 година, бил лекар во тамошната Универзитетска болница, а потоа се префрлил во Западна Германија – на Универзитетот во Франкфурт и на Универзитетот во Фрајбург, каде што е професор од 1981 година.
Во 1984 година се вратил во Бугарија, по покана на академикот Атанас Малеев, во тоа време ректор на Медицинската академија и заменик министер за здравство.
Д-р Чирков е основач и беше долгогодишен директор на болницата Света Екатерина во Софија.

