Тагарев: Приоритет пред Бугарија е евакуацијата на бугарските државјани, не сме разговарале за воена помош за Израел
Во Бугарија во моментов не се разговара за воена помош за Израел – изјави министерот за одбрана Тодор Тагарев по завршувањето на состанокот на министрите за одбрана на НАТО. Министерот Тагарев истакна дека дејствијата на Бугарија во овој конфликт засега се ограничени на евакуација на бугарските граѓани.
„Нашата цел беше прво да им помогнеме на бугарските граѓани, оние кои сакаат да се евакуираат од Израел. Знаете дека еден лет на „Бугарија ер“ беше обезбеден, потоа двапати го испративме владиниот авион, беше подготвен и за трет лет. Тоа е наш главен приоритет во моментов. Не сме разговарале за било каква помош“.
Тагарев ги нарече „ужасни“ снимките што ги покажа израелскиот министер за одбрана Јоав Галант на министрите за одбрана на Пактот.
„Ова е терористички акт, неиспровоциран со ништо и нема начин светската заедница да не се сврти против Хамас“, беше категоричен тој.
Запрашан од БНР дали има индиции дека Иран и групата Хезболах се обидуваат да ја искористат ситуацијата, нешто за што предупреди генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, Тагарев одговори:
„Колку што можев да видам, веќе има обиди за напади од страна на Хезболах, што потенцијално е многу опасно за ескалација на конфликтот“.