Почина познатиот бугарски скулптор Вежди Рашидов, поранешен министер за култура на Бугарија и претседател на бугарскиот парламент
На 74-годишна возраст, утрово по кратко боледување, почина познатиот бугарски скулптор, јавен деец и поранешен министер за култура Вежди Рашидов, јави бугарската новинска агенција БГНЕС.
Рашидов беше поранешен пратеник во бугарскиот парламент, министер за култура во две влади на Бојко Борисов и претседател на Народното собрание на Бугарија.
Веста за неговата смрт брзо се прошири на социјалните мрежи. Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, се прости од него со зборовите: „Ќе ми недостигаш, пријателе!“
Бугарската пејачка Лили Иванова, исто така, упати проштална порака: „Драг пријателе, Вежди Рашидов, твоето творештво останува вечно! Поклон пред твојот спомен!“
Како што потсетува БГНЕС, Вежди Рашидов е роден на 14 декември 1951 година во Димитровград, Бугарија. Завршил уметничка гимназија „Илија Петров“ во Софија, а во 1978 година дипломирал скулптура на Националната ликовна академија, во класата на професорот Димитар Даскалов.
Автор е на бројни скулпторски дела претставени на изложби во Бугарија и во странство. Негови дела се дел од колекциите на музеи и галерии во Европа, Азија и Северна Америка.
Во политиката влегол во 2009 година, кога бил избран за пратеник од ГЕРБ во 41. состав на Народното собрание. Ја извршувал функцијата министер за култура во првата влада на Бојко Борисов, од 2009 до 2013 година, како и во неговата втора влада, од 2014 до 2017 година.
Рашидов бил пратеник во повеќе парламентарни состави и претседател на парламентарната Комисија за култура и медиуми во 44. состав на Народното собрание. На 21 октомври 2022 година бил избран за претседател на 48. состав на бугарскиот парламент, функција што ја извршувал до 3 февруари 2023 година.
Од 2004 година бил дописен член на Бугарската академија на науките и добитник на бројни национални и меѓународни признанија.
