Катрин Финч од Велс која ја сметаат за кралица на харфата и најдобра харфистка на сериозната музика во светот и синегалскиот кора мајстор Секу Кеита вечер во МОБ ќе го отворат 18. „ОФФест“, што ќе се одржува до осми јуни.
Според критиката, Финч и Кеита се извонреден, фален и неколку пати наградуван тандем. Двaјца авантуристички музички виртуозa кои црпат инспирација од сопствените различни традиции и стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи.
Истата вечер првпат концерт во нашата држава ќе одржи македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, а своите почетоци ги бележи во 90-те години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Овој ексклузивен настап на ОФФест, претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски и ќе биде составен главно од композициите од „Batania“.
Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура, Град Скопје, Унгарската амбасада и други.