Поддршка за „Антолог“: Читателите прашуваат како да помогнат, издавачката куќа ги објави чекорите
По големиот број пораки, прашања, искрени желби и понуди за помош од читателите, издавачката куќа „Антолог“ објави информации за начините на кои граѓаните можат да помогнат по невремето што предизвика огромна материјална штета и уништи околу 70 проценти од книжевното богатство на издавачката куќа.
Од „Антолог“ им се заблагодаруваат на сите граѓани за искрените желби, прашања, сугестии и досегашната поддршка, нагласувајќи дека болката и материјалната штета се големи, но дека солидарноста ја прави состојбата полесна за надминување.
„Ви благодариме на вашата поддршка од сè срце. Нашата болка и настаната штета, а над сè обемот на следни инвестиции и работа, со кои мораме да се зафатиме, е полесна кога е надополнета со вашите емоции и поддршка“, порачуваат од издавачката куќа.
Потребна е помош при расчистување
Еден од првите и најитни чекори е расчистување на магацинот, каде што сè уште има вода-дождовница, многу лисја, кал, песочен нанос и големо количество оштетени книги. Од „Антолог“ наведуваат дека под итно треба да се извлече целата наталожена маса, бидејќи станува збор за огромно количество отпаден материјал.
Процесот, како што велат, бара организирана работна рака и сериозна механизација. Општина Кисела Вода веќе е на терен, но од издавачката куќа предупредуваат дека тоа нема да биде доволно.
Граѓаните можат да помогнат и со купување книги
Од „Антолог“ ги повикуваат граѓаните, доколку се во можност, да купуваат книги од нивните изданија на продажните места каде што се достапни. Велат дека идејата на многумина нивни пријатели — да се купи книга од „Антолог“ како форма на поддршка — е исклучително значајна.
„Со секоја книга од нашата издавачка куќа купена во следниот период на опоравување, кој ќе трае сигурно со месеци, ако не и со години, ја давате симболичната поддршка што ни треба“, посочуваат од „Антолог“.
Тие нагласуваат дека со ваквата поддршка не се помага само на издавачката куќа, туку и на книжарниците и продажните места од каде што се купуваат книгите, со што се поддржуваат и сите чинители во книжевниот сектор. Од „Антолог“ додаваат дека купувањето книга е инвестиција во уметност и знаење, а не потрошени пари.
Онлајн нарачките се ставени на пауза
Од издавачката куќа упатуваат и важно предупредување до јавноста: онлајн нарачките во моментов се ставени на пауза.
Доколку некој направи онлајн нарачка преку нивниот сајт, тоа во моментов ќе претставува единствено директна финансиска поддршка, бидејќи „Антолог“ нема можност да ги достави книгите.
„Книгите нема да бидеме во можност да ги доставиме. Ќе ве информираме како понатаму на тој план“, наведуваат од издавачката куќа.
Отворени се можности за донации
Од „Антолог“ информираат дека граѓаните предложиле да бидат објавени сметки за донации или да се отвори посебна сметка за прибирање средства. Во моментов, донации може да се уплатат на постојните сметки на компанијата:
Друштво за издаваштво, промет и услуги АНТОЛОГ – БООКС ДООЕЛ експорт-импорт Скопје
Комерцијална банка АД Скопје:
300000003674784
НЛБ Тутунска банка АД Скопје:
210069242710158
Цел на дознака: донација
Од издавачката куќа додаваат дека доколку добијат помош и совет за најсоодветен начин на организирање fund raising, наскоро ќе објават информации и за тоа.
Најавени се и други иницијативи за поддршка
До „Антолог“ веќе пристигнуваат и други предлози за помош, меѓу кои аукции, уметничко-хуманитарни настани и концерти. Од издавачката куќа најавуваат дека ќе ги потенцираат сите иницијативи и нагласуваат дека секој гест и секоја форма на поддршка се од големо значење.
Материјалната штета, како што посочуваат, е огромна. Средствата ќе бидат потребни за враќање на објектот барем во приближно слична состојба, како и за повторно печатење на сите книги кои, според нив, „исто толку вредат“.
„Поддршка во секоја форма и облик би била од огромно значење. Благодариме, Македонијо“, порачуваат од „Антолог“.
