| |

Поддршка за Драги Каров од Љупчо Ѓорѓиевски, прв човек на забранетиот клуб „Иван Михајлов“ и здружението „Балкански мост“ Битола

Веста за донесената судска пресуда против познатиот македонски Бугарин Драги Каров од Велес, кој денеска беше осуден условна казна затвор од една година затвор, со три години условен рок, поради објава на социјалните мрежи, предизвика реакции во јавноста.

Во објава на Фејсбук, Љупчо Ѓорѓиевски, прв човек на веќе забранетиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола, оцени дека носењето осудителна пресуда за публикација на социјалните мрежи е недозволиво во држава која се стреми кон европска иднина. Според него, слободата на говорот не претставува кривично дело, туку е основно човеково право и темел на секое демократско општество.

Во објавата се наведува дека ваквата пресуда претставува сериозно нарушување на слободата на изразување и се посочува потребата од решителен меѓународен и европски притисок врз, како што се наведува, „антиевропски режим кој сè почесто репродуцира практики познати од ерата на Милошевиќ“. Истовремено, се истакнува барањето за целосна рамноправност и уставно признавање на бугарскиот народ во Република Северна Македонија, со став дека европската интеграција не е можна без гарантирани човекови права, владеење на правото и реална слобода на говорот.

„Денес застануваме зад Драги Каров. Затоа што кога една држава почнува да ги казнува зборовите, таа покажува страв од вистината“, се наведува во објавата, која завршува со пораката: „Поддршка за Драги Каров! Слободата не се суди. Слободата не е злосторство.“

Поддршка за Каров изрази и здружението „Балкански мост“, кое во својот Фејсбук статус нагласува дека, без да навлегува во правните аспекти на конкретниот случај, останува отворено прашањето дали во државата постојат еднакви критериуми за сите граѓани.

Од здружението посочуваат дека со години наназад се сведоци на навреди, закани и говор на омраза на социјалните мрежи насочени кон граѓани кои јавно се декларираат како Бугари, при што, според нив, ретко или речиси никогаш нема ефикасни постапки и пресуди кои би ги заштитиле од дискриминација и омраза. Од друга страна, наведуваат дека случаите во кои се инволвирани лица со бугарска национална самосвест предизвикуваат значително внимание и често завршуваат со судски постапки.

Оттаму го поставуваат прашањето дали правдата се применува еднакво за сите или постојат различни аршини, како и дали е прифатливо во едно демократско општество луѓето да се чувствуваат изложени на институционален притисок поради својата национална припадност, убедување или чувство на идентитет.

Според нив, наместо напредок кон европските вредности, владеењето на правото и почитувањето на човековите права, актуелните процеси потсетуваат на периоди кога поединци биле етикетирани како непожелни, а институциите се пресметувале со нив поради нивниот идентитет или ставови.

„Време е овие прашања да бидат отворено поставени и искрено одговорени. Република Северна Македонија има потреба од општество во кое секој граѓанин ќе биде еднаков пред законот, без разлика на неговата национална припадност, убедување или лично чувство на идентитет“, наведуваат од „Балкански мост“, поставувајќи го прашањето: „До кога ќе трае ова и кој ќе биде следниот?“

„Во Велес се уапсени Драги Каров, Звонко Ников и Бено Ќуркчиев. Драги Каров е држан цели дванаесет часа, без никакво обвинение, нито барем некакви посредни елементи кои би го направиле учесник во атентатот. Началникот на велешката полиција Коле Црниот, по потекло од с. Оморани, Велешко, му се заканувал дека “ако не признае, ке уреди така, Драги да биде пуштен, за потоа да го насаска народот, тие на улица да го ликвидираат”. Црниот велел дека така, на тој начин, еднаш засекогаш да го решел проблемот со бугарите“. Дел од колумната на Владимир Перев ПРВИОТ ПОЛИЦАЕЦ ЗА АМБАСАДОР ВО САД објавена на порталот Трибуна на 23. 01. 2021 г.



Слични Објави