ПРВИОТ ПОЛИЦАЕЦ ЗА АМБАСАДОР ВО САД

Веста дека Љубомир Данаилов Фрчкоски е “најсериозниот кандидат за македонски амбасадор во САД“ многумина од нас ги затече зачудени и стаписани од недоветноста на оваа власт да разреши елементарни работи од сферата на нашето претставување пред светот. За американците нема да се зачудам за ништо-после катастрофата со владеењето на Трамповата администрација и желбата колку-толку да го поправат сопствениот имиџ во планетарни рамки, дури и намерата на една мала и неважна држава да им испрати нов амбасадор, ќе ја почуствуваат како мал чекор напред. Веројатно ќе му дадат и агреман, ама ние треба да си го кажеме нашето…

loading...

Гледано во општи рамки, владеењето на Фрчкоски со министерството за надворешни работи на Македонија е владеење на еден неспособен човек, со една крајно неспособна и корумпирана институција, која сите свои слабости ги покажа во одлучниот момент за време на атентатот на претседателот Глигоров, во октомври 1995 година. Тогаш изби целата неспособност на полицијата и Државната безбедност, нејзинот насилие и незаконско работење, а првиот полицаец Фрчкоски беше носите на сите незаконски дејствија. Треба да се погледа одново работата на Комисијата за лустрација и да се види целата беневолентност и насилственост во неговото работење, незаконското отворање на досиеја на “непријателите на државата“, (досие “Тутунар“, досие “Ивка“, досие “Жорж“ и ред други) давањето незаконски налози за прислушување и следење, сето тоа запечатено со неговиот потпис. Но, да се осврнеме само на некои релативно непознати факти од неговата работа и работата на тогавашната ДБК, раководена од неговиот пријател и партиски соборец Добри Величковски, и двајцата блиски до премиерот (во тоа време) Бранко Црвенковски, па да видиме кого и со каква биографија оваа власт испараќа за амбасадор во првата светска велесила.

*Доаѓањето на Фрчковски за министер за внатрешни работи е логична последица од разнебитеното владеење на врхушката Црвенковски-Глигоров-Андов. Да поставиш универзитетски професор за министер, да командува со ресор со повеќе од 12.000 вработени е чиста лудост, со оглед на фактот дека тој никогаш не се соочил со повеќе од три студенти на испит по неговиот предмет. Каде се нашол Фрчковски, со што се соочил?

Сите знаеме дека местата во полицијата, во УДБ-а и во дипломатијата се определени уште од Првото заседание на АСНОМ-тогаш се решило кои структури, каде ќе работат. Фрчко не бил во “одбраните”. Наместо функција, тој добил “наследство” од една длабоко партизирана полиција, идеологизирана, несомнено настроена просрпски, пројугословенски и со восхит кон Милошевиќ, истовремено длабоко антубугарски ориентирана, како наследство од кралската и титовистичката антибугарска идеологија. Во полицијата Фрчко го дочека фасада од навистина добри и способни оперативци, аналитичари и воопшто интелектуалци. Но тоа беше мала бројка, нужна за себепретставување. Таму имаше (и сеуште има, може и повеќе) еден куп безработници, наследстевени олигофрени на бивши комунистички функционери, насилници и крајно корумпирани типови. “Фасадата” нив ги прикриваше, тие беа нејзината “ударна сила”. На Фрчковски му остануваа само проблемите со коњите и реј бан очилата. Впрочем, последниот министер (тогаш републички секретар) кој целосна ја познаваше работата на полицијата и си ги знаеше “ресурсите” т.е. глупавите и паметните, беше болшевикот Мирко Буневски и делимично ексобвинителот Јово Трпеновски. Сите други до денешен ден, беа коњаници и шахисти, целосни дилетанти.

Аферата “Сина птица” беше увертира во собитијата кои следеа. Не станува збор за никаква Македонска национална гарда која требало да се формира за да ја “спасува” Македонија од “некои ванчомихајловисти” и десетина илјади бугарски војници. Тоа беше подла игра, на едно место да се соберат сите патриотски елементи во земјата, за подоцна да можат да бидат пасивизирани. Во играта беа вклучени и елементи од македонската емиграција, стари и проверени доушници на УДБ-а. Сите знаеја дека никој од Бугарија не сака да ја нападне Македонија. Бугарите беа зафатени со својата транзиција, уличните убиства и кражбата на пари од државните ресурси, сето тоа под раководството на БКП, која се претвори во БСП. “Сина птица” беше материјализин антибугаризам, подгревање на негативни односи со Бугарија, за лесен поврат на југоармијата во Македонија.

Така, “Сина птица” стана уште еден елемент, уште една коцка во прелудиумот кон атентатот, кој уште тогаш се гледаше за неизбежен.

Стојан Андов и министерот Стево Црвенковски со неверување ја прочитале белешката од службите на УДБ-а дека “извршителот на атентатот се поврзува со една мултинационална компанија со седиште во Софија, дека се работи за “Мултигруп”, па, наводно, биле револтирани од содржината. Тие наводно, знаеле дека се работи за “местенка на УДБ-а”. Сепак цела Македонија, по телевизија виде како Стево Црвенковски, целиот запенушен, храбро изјавува дека атентатот е “дело на внуците на Ванчо Михаилов”, јасно посочувајќи го бугарскиот елемент во Македонија како извршител. Веројатно мислел дека оние во “Мултигруп” не се внуците на Михајлов?! Тука е прав. “Мултигруп” се “внуците на Сталин и Коминтерна”, октопод со пипала во Белград и Москва. Софија како седиште на “Мултигруп” де факто беше источноевропското Белизе. Тоа го знаеја и двајцата, ама стравот, пустиот страв од командантите во Белград и Москва ги парализира…а бога ми, внимаваа и на печалбите од разбивањето на ембаргото кон Србија. Да не им ја побара некој сметката. Како не знаеле ништо, кога цела Македонија гледаше како новинарката на МРТВ, Катерина Цаневска Арсовска му отиде на тогашниот бугарскиот амбасадор во Скопје и му ги поставуваше глупавите прашања за тоа што мисли тој, кој го извршил атентатот. Сите ние уште го помниме врцкавиот задник на Арсовска кога се качуваше по скалите на амбасадата, па зарем некој може да ги заборави нејината прекратка сукња и белите гаќички…чиста перверзија. Тоа не беше нито нејзин личен чин (за тоа не беше баш толку паметна) нити гола инструкција на полицјата. Тоа беше синхрона акција на сите политички чинители во земјата во тој миг, тоа беше “данок” на антибугаризмот, исплатен на српска сметка.

Србија да, Милошевиќ да, стоеја зад атентатот. Само тие имаа полза од забавувањето на Македонија кон приопштувањето кон Европа. Тие и нивните московски ментори. Глигоров претходниот ден се врати од Белград и никој не разбра што се случувало таму, само некакви нејасни наговестувања. Тој почина и никогаш, не проговори искрено за својата средба со “фирерот” од Белград. Почина и Снежана Османли, неговиот верен соработник и советник и зад себе не остави нито ред, нито збор за настаните во Белград. Пред својата смрт ги запали сите записки и документи од средбата Милошевиќ-Глигоров, каде што таа беше активен учесник.

Цели три дена по атентатот, македонските политичари и службите за безбедност беа стаписани од страв од непознатото. Добро знаеја кој е организаторот, каменот паѓа одблиску, како што вели поговорката. Четвртиот ден службата се совзеде и реши да одработи така, како што секогаш работела, на антибугарска основа. Почнаа баханалиите на УДБ-а, методи проверени во последните осумдесетина години. Почнаа ноќните апсења…

Во Струмица беа приведени Ристо Пецев, Тихо Јајналиев, Гиго Цурев, Марија Стојменова и уште некои со непознати за мене имиња. Стојменова е роднина на Борис Стојменов, но и роднина а Алекса Стојменов, политемигрант од Брисел. Сите се сослушувани во полицијата во Струмица. Ристо Пецев, како особено “тежок случај” е однесен на сослушување во полицијата во Штип. Тој е внук од брат на еден од убиените петмина струмички студенти во 1952 година. Дома му е направен претрес, одземени му се материјали за избори за ВМРО ДПМНЕ, одземени му се фотографии од неговиот престој во САД на конвенции на МПО и одземена му е валута од две илјади долари, со објаснување дека “дома не може да чува пари”. Во Штип е држен едно деноноќие. Од Скопје доаѓа да го испрашува инспекторот Зоран/Гале Митевски. Тој е вџашен од начинот на кој се вршел претресот и одземените пари и наредува веднаш да биде пуштен, а парите му биле вратени. Фотографиите од Америка и МПО остануваат до ден денес во некоја архива, приватна или на ДБК.

Во Велес се уапсени Драги Каров, Звонко Ников и Бено Ќуркчиев. Драги Каров е држан цели дванаесет часа, без никакво обвинение, нито барем некакви посредни елемнти кои би го направиле учесник во атентатот. Началникот на велешката полиција Коле Црниот, по потекло од с. Оморани, Велешко, му се заканувал дека “ако не признае, ке уреди така, Драги да биде пуштен, за потоа да го насаска народот, тие на улица да го ликвидираат”. Црниот велел дека така, на тој начин, еднаш засекогаш да го решел проблемот со бугарите.

Не било се така трагично, имало и комични моменти. Во мојот Прилеп полицијата привела тројца сомнителни. Двајцата биле приведени дека имале бради и личеле на некаков фоторобот, а третиот имал зла среќа. Несреќникот имал љубовница и тој десетина дена бил кај неа, правеле ајвар. Веројтно нешто се спречкале, па таа го удрила со лажицата, морал да носи завој на главата. Кога се вратил дома, жена му го пријавила на полицијата како сомнителен атентатор. До денес не се разбра, дали жена му така навистина мислела, или знаела за љубовницата, па сакала да му се одмазди. Иначе, фамозниот фоторобот е слика на еден полицаец од ДБК, ама тоа се разбра подоцна. Ако дејствувањата на полцијата во Велес и Струмица беа драматични, во Прилеп комични, дејствијата во Охрид беа чиста трагедија по приведените.

Полицијата тргнала да го приведува Крсте од Завој, познат вмровец. Прво отишле кај него дома во с. Завој, ама не го нашле. Потоа заминале кај неговиот баџанак, таму го барале, се возбудила целата родбина, исплашени мали деца, расплакани жени, а потерата тргнала по кафеаните во Охрид. Некој паметен охриѓанец им рекол да не се трудат; Крсте е советник во општинското собрание, седницата е во тек, па таму можат да го најдат. Го нашле в собрание на општина Охрид, го привеле и го сослушувале цели четири часа. Рапитот го вршеле тројца удбаши, Трајан Ангелевски, Трајче Јолевски и Абдула Жута. Грубо и безобразно, крајно простачки се држел Трајан Ангелевски, па кога видел дека Крсте е човек во години, сериозен и добар домаќин, немајќи што да прави му се обратил: “Вие бугарите курот ќе ни го јадете”. Потоа го извадил половиот орган и го ставил на масата пред него.


loading...

Со Крсте од Завој биле приведени: Влатко Георгиевски, кој бил држан в полиција 10 часа, Ацо Марков, држан 4 часа и Никола Бикчето, држан 7 часа. Приведен е и Ристо Манев, вмровец и интелектуалец, држан е цели 37 часа без никаква судска одлука.

Посебно трагичен е случајот со, сега веќе покојниот Владимир Паунковски (Панков), подоцнежниот лидер на организацијата “Радко”. Тој за време на атентатот бил во Тирана на гости, на враќање е сметнат од автобусот и задржан во полицијата во Струга, цели 12 часа. Распитот го водел инспекторот на Прва управа на ДБК, Чанчаревиќ. Врз Паунковски е применувано насилие, физичка сила. Инспекторот Чанчаревиќ проценил дека очилата кои Владо ги носи се скапи, марка “Картие”, вредни над 1300 марки. Затоа му рекол да ги извади, па со боксови го мавал по лицето и целото тело. Пауковски се враќа во Охрид, а повредите се гледаат во наредните месец дена. За повредите на душата не сакам да говорам, тоа Фрчко ионака нема да го разбере.

Впрочем, за сите овие работи, Крсте од Завој го информира Ламбе Арнаудов, но ВМРО ДПМНЕ не реагира.

Во Скопје, покрај неколкуте приведени “бугараши”, полицијата одново се нафрла на семејството на Алекса Стојменов од Брисел. Уапсен е неговиот внук Георги Стојменов и сопругата Марија. При апсењето, полицајката која ја апсела Марија, применила физичка сила и не и позволувала да се пресоблече во тоалетот, туку тука, пред сите присутни полицајци.

Низ скопските вмровски кругови се говореше за спектакуларното апсење на македонско-бугарската граница, на Деве Баир, на некој си Јосиф, сопственик на фирмата “Партнер инвест”. Во Скопје живеел некаде кај Градскиот парк, кај фонтаната, но до денешен ден никој од старите вмровци не знае за него, не се знае презимето и никој не чул за неговата фирма. Се мисли дека тој паднал како колатерална штета на борбата за бизнисите во Македонија и Бугарија. Бил апсен и приведуван на

срамен, насилен начин, без никаква потреба.

Штетите од атентатот на Глигоров се видливи. Времено беше запрен патот на државата кон ЕС и НАТО, беа предизвикани “албанските собитија” од 2001 година, за конечно да дојде десетгодишното антибугарско и антиевропско владение на Никола Груевски. Во перидот од 1998-2002 година на власт беше ВМРО ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски. Не само што ништо не направи да ги ублажи последиците од прогонот врз вмровците од бугарска провиниенција, туку и некои шефови на полицијата беа наградени и унапредени. Така министерката за внатрешни работи Доста Димовска, го унапреди полицаецот Чанчаревич кој го тепаше Владо Панков. Се правдаше дека со “жената на Чанчаревич биле добри пријателки”. Беше унапреден и шефот на ДБК за Велес, Јанко Влавот, кој приведените за атентатот ги принудувал на самопризнание. Самиот Глигоров не даде никаква изјава, напиша книга полна со измислици и фантасморгии за заблудување на македонската јавност. Конечно, под притисок на Москва беше нужно да се сретне со Илија Павлов, за на некаков начин да потврди дека “бугарите” не стојат зад покушението. Конечно, “великата журналистка” Катерина Цаневска Арсовска стана официјален портпарол на новиот македонски президент, Стево Пендаровски.

Така, еден примитивен и неуспешен атентат, организиран по линијата Белград-Москва, стана химна на антибугаризмот и антиевропејството на македонските политичари во тој момент. Едно апсолутно ненужно дело, насочено кон еден апсолутно неважен политичар и човек. Вистинските жртви на атентатот беа споменатите и многубројните неспоменати жртви на полициската и политичката тортура. Тие доживеаја катаклизма слична на годините од 1944-52. Некои се разболеа, некои бракови се распаднаа, некои останаа обележени со некаков печат за цел живот.

Каде бев јас во тие моменти? Најчесто седев во централната скопска кафеана “Пелистер-Дал Мет Фу” и собирав податоци за апсењата, кои потоа уредно, преку мои пријатели во Ќустендил, од нивните телефони, ги испраќав во МПО на браќата Лебамови. Што стануваше понатаму не знам, но притисокот во Македонија за неколку дена се намали. Тоа беше мала, никаква храброст, во однос на преиспитанијата кои ги преживеаа приведените низ Македонија. Сепак, ДБК ме повика “на разговор” некаде во средината на јануари 1996 година, речи си четири месеци по атентатот. Страстите беа стивнати, но за атентатот сеуште беа виновни бугарите а полициската неспособност беше видлива. Ме сослушуваа инспекторите Ѓорѓи Видов и Душко Климовски. После само десет минути разговор стана јасно дека ниту тие, нито пак јас се интересираме за тоа “кој го уби” Глигоров. Од мене бараа врска со МПО, конкретно со браќата Иван И Георги Лебамов. Со задоволство им ја исполнив желбата, им ги дадов телефонските броеви и мојата срдечна препорака за контакт. ДБК беше изгубена, напуштена од сите и бараше споредни патишта за политички контакт со западниот свет. Тоа е друга приказна, друг пат за тоа…

Се надевам дека некој во оваа несреќна држава, затворена во своите идејни, идеолошки, национални, па дури и расни предубедувања, уште еднаш ќе размисли за политиката на дипломатските кадровски решенија. Не би било на одмет и некои од членовите на Комисијата за лустрација (сега веќе официјално мртва) да си го кажат мислењето за овие работи…тие најмногу имаа увид во досијеата и најдобро ја познаваа ситуацијата, состојбите и актерите…или сега одново ќе ги обвинуваме за пристрасност. Толку ли во оваа земја нама нито еден неизвалкан и некорумпиран, слободен и демократ да може да појде на место каде сите ние ќе се гордееме со неговиот лик и дела.

* (Белешка на редакцијата) Овој текст во поширок обем е објавен на бугарски јазик на порталот Фактор.бг на 3 јуни 2019 под наслов „Херои и атентатори“.

Автор: Владимир Перев